Според соопштението од романското Министерство за одбрана, двајцата функционери се фокусирале на истражување на можностите за идна соработка меѓу романското и украинското министерство за одбрана во контекст на Стратегиското партнерство кое неодамна го потпишаа претседателите на двете земји и спроведувањето на финансиската програма на Европската Унија за одбрана САФЕ.
На вчерашниот состанок во Букурешт, претставниците разговарале за заеднички развој на беспилотни летала, како и за можностите за трансфер на технологија, објави денес романската агенција Агерпрес.
Романскиот министер кажа дека проектот ќе има финансиска поддршка од 200 милиони евра од програмата САФЕ и дека Романија сака министерството да биде централен актер во таа соработка, а не само корисник.
„Затоа моментално разговараме како да формираме посебен тим кој ќе работи исклучиво на овој проект, а се очекува договорот да биде потпишан до крајот на мај“, кажа Мирута.
Тој истакна дека Романија ќе има корист од искуството на Украина на бојното поле, како и од пристапот до луѓе и инфраструктура кои можат да произведат најсовремена опрема.
„Тоа ќе биде и предност за Украина бидејќи Романија, како учесник во проектот САФЕ, ќе го поддржи финансирањето на производството на беспилотни летала“, кажа романскиот министер.
Како што објави агенцијата Агерпрес, состаноците на романските и украинските експерти и компании од областа на беспилотните летала ќе продолжат во наредните денови, вклучувајќи 15 украински компании кои ќе ги презентираат своите портфолија и технички можности.






