Државите бараат решенија
Бугарските пратеници во петокот одобрија нов закон кој ќе ѝ овозможи на владата да назначи специјален администратор за огромната рафинерија во Бургас во сопственост на Лукоил. Ова им дава широки овластувања да преземат оперативна контрола, да одобруваат продажба, па дури и да ја национализираат доколку е потребно. Истовремено, Софија ја испитува можноста да побара изземање од санкциите.
Од друга страна, Романија, каде што се наоѓа рафинеријата Петротел на Лукоил, сè уште не донела формална одлука. Висок владин функционер, кој зборувал под услов да остане анонимен, потврдил дека Букурешт исто така размислува да побара „одложување на санкциите“ додека го подготвува својот одговор. Национализацијата, додаде тој, се смета за „последна опција“.
Сепак, романскиот министер за енергетика Богдан-Груја Иван изјави за Политико дека Букурешт е оперативно „подготвен“ за секакво сценарио. Планот на владата, како што кажа, ќе има за цел да ја зачува „економската активност на Романија, но во исто време да го запре финансирањето на Руската Федерација“.
Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави – кое мора да ја одобри секоја продажба – и Европската комисија одбија да коментираат за ситуацијата.
Санкциите влијаат и на другите членки на ЕУ
Напорите за обезбедување ново сопствеништво на рафинериите беа дополнително комплицирани откако швајцарската трговска куќа Гунвор ја повлече својата понуда за купување на меѓународните средства на Лукоил во четвртокот, по острата осуда од американското министерството за финансии.
Новите мерки влијаат и на другите земји од ЕУ. Германија доби шестмесечно изземање од плаќање за својата рафинерија Шведт, во сопственост на Росњефт, која е под владина контрола од 2022 година. Унгарскиот премиер Виктор Орбан отпатува во Вашингтон во петокот со надеж дека ќе обезбеди ослободување од увоз на руска нафта преку цевководи за неговата земја и соседна Словачка.
Санкциите доаѓаат во време на зголемена фрустрација на американскиот претседател Доналд Трамп поради застојот во напорите за обезбедување прекин на огнот во Украина, а самата ЕУ ја засили својата кампања во последните месеци за да ја прекине преостанатата енергетска зависност од Москва.
Што ако рафинериите престанат да работат?
Иако обезбедувањето исклучок или назначувањето национален администратор технички не би требало да биде проблем, најлошото сценарио – затворањето на рафинериите – би имало многу различни последици за двете земји.
За Бугарија, каде што рафинеријата во руска сопственост обезбедува до 80 проценти од нејзините потреби за гориво, ова би значело дека Софија ќе остане без залихи „до крајот на годината“, предупредува Мартин Владимиров, виш аналитичар на аналитичката група Центар за проучување на демократијата.
Од друга страна, романската фабрика снабдува околу „20 проценти“ од горивото на земјата, според Ана Отилија Нуцу, енергетски аналитичар од аналитичката група Експертски форум. Затоа затворањето би предизвикало „неколку месеци“ благи зголемувања на цените додека земјата не најде замена за увоз. Сепак, додава Нуцу, затворањето би можело да влијае на извозот во соседна Молдавија. „Доколку Молдавија биде силно погодена, тогаш тоа ќе биде уште една… огромна маркетиншка можност за Русија“, вели таа.
Во петокот, молдавската влада го презентираше својот предлог за купување на средствата на Лукоил во земјата, вклучувајќи складиште за гориво за авиони, и потврди дека исто така побарала од Вашингтон да ги суспендира санкциите.
Михаил Крутихин, коосновач на консултантската компанија Русенерџи, се согласи дека објектите треба да можат да „продолжат да работат“ безбедно сè додека нивниот иден сопственик го задржи постојниот персонал и вработи дополнителни експерти.
Наоѓањето купувач ќе биде предизвик
Сепак, вистинските проблеми допрва доаѓаат. Обезбедувањето купувач нема да биде лесно. Иако обете рафинерии се „добро управувани“, според еден поранешен извршен директор на Лукоил, наоѓањето компанија подготвена да ги преземе правните ризици поврзани со санкциите, скапите оптоварувања, високите премии за осигурување и постојаното инвестирање во надградби ќе биде „тешко“.
Додека Владимиров ја проценува вредноста на бугарската, историски профитабилна рафинерија на 1,5 милијарди долари, романскиот Петротел е помалку привлечен, според Нуцу. Фабриката, која во 2023 година имала годишен обрт помал од 40 милиони евра, е оптоварена со долгови и „потребни ѝ се многу големи инвестиции“, рече таа.
Во меѓувреме, идната арбитража е исто така предизвик, особено при преземање од страна на владата. Бугарските пратеници ја усвоија првичната верзија на законот за конфискација на рафинеријата за само 30 секунди. Тоа „брзо и целосно отсуство на нормална постапка доаѓа со ризик од повеќекратни сериозни грешки“, предупреди Ивајло Мирчев, претставник на опозициската Демократска Бугарија. „Сега тие имаат намера да му дадат на тоа лице такви вонредни овластувања што, на крајот, „Лукоил“ ќе ја тужи Бугарија – а парите ќе завршат во Русија“, кажа тој.
Бугарското министерство за енергетика одби да коментира. Нуцу верува дека одлуката за продажбата на рафинериита мора да биде координирана „на ниво на ЕУ“ за да се спречи Лукоил да ги заобиколи американските санкции.
Литванскиот министер за енергетика Жигимантас Ваичиунас се согласува со ова. Што и да се случи, кажа тој, Брисел треба да ги испита потенцијалните купувачи пред да се случи трансакцијата. „Европската комисија има права за надзор“, изјави тој за Политико. „Во овој случај, треба да се истражат сите можности“.






