недела, 14 декември 2025

Романија го повика рускиот амбасадор поради руски дронови во нејзиниот воздушен простор

Романија вчера го повика на разговор рускиот амбасадор во Букурешт откако стана втората членка на НАТО за помалку од една недела што пријави упад на руски беспилотни летала во нејзиниот воздушен простор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тензиите во Источна Европа се зголемија откако Полска пријави дека авиони на НАТО и полски авиони се вивнаа да пресретнат руски беспилотни летала што го нарушија нејзиниот воздушен простор минатата недела, во екот на руската војна против Украина, а официјален претставник на ЕУ во неделата го осуди најновото прекршување како „неодговорна ескалација“.

Каја Калас, шефицата за надворешна политика на ЕУ, вчера на Икс ги осуди руските беспилотни летала што го нарушија романскиот воздушен простор, нарекувајќи го тоа кршење на суверенитетот на ЕУ и закана за регионалната безбедност, изразувајќи солидарност со Романија.

НАТО ја зајакна својата воздушна одбрана и во петокот ја започна операцијата „Источна стража“ за да ја зајакне воената активност долж источниот дел на Европа, со поддршка од Франција, Германија, Велика Британија и Данска.

Два авиони Ф-16 во источна Романија беа „испратени во мисија за воздушна патрола за следење на воздушната ситуација во близина на границата со Украина, по руските напади врз украинската инфраструктура на Дунав“ во саботата во 18:05 часот по локално време, според соопштението на романското Министерство за одбрана.

Ф-16 „го открил и го следел“ дронот во воздушниот простор на Романија од 18:23 часот, а контактот со радарот бил изгубен на околу 19 километри од малата заедница Чилија Вече, според Министерството за одбрана, кое нагласи дека дронот не летал над населени места и „не претставувал непосредна закана за цивилното население“.

Руските претставници не го коментираа веднаш извештајот.

Што вели ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, во неделата на своите профили на социјалните мрежи порача дека „руското навлегување во романскиот воздушен простор е уште едно очигледно кршење на суверенитетот на ЕУ“ и дека претставниците „тесно соработуваат со Романија и сите земји-членки за да ја заштитат територијата на ЕУ“.

Романската министерка за надворешни работи, Оана Тоју, за телевизиската станица Диги 24 изјави дека рускиот амбасадор во Букурешт е повикан во знак на „протест против овој неприфатлив и неодговорен чин, кој претставува кршење на суверенитетот на Романија“.

Што вели Трамп

Откако Полска пријави дека нејзиниот воздушен простор бил нарушен од руски беспилотни летала, претседателот Трамп во четвртокот им рече на новинарите дека упадот „можело да биде грешка, но без оглед на тоа, јас не сум среќен од ништо што од целата таа ситуација“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски откако Романија пријави упад во воздушниот простор порача на Икс: „Руската војска точно знае каде се движат нивните беспилотни летала и колку долго можат да дејствуваат во воздух. Нивните рути секогаш се пресметани.“

„Ова не може да биде случајност, грешка или иницијатива на некои команданти од пониско ниво. Тоа очигледно е проширување на војната од страна на Русија – и токму така дејствуваат. Мали чекори во почетокот, а на крајот големи загуби.“

Што вели Русија

Михаил Улјанов, претставник на Русија во меѓународните организации во Виена, во неделата на Телеграм како одговор на известувањето на Полска за нарушување на воздушниот простор напиша дека претставници на руското Министерство за одбрана „предложиле консултации“, но нивните полски колеги „не биле подготвени“ за нив.

„Ова изгледа како провокација или недоразбирање, кое полската страна не е подготвена да го разјасни“, додаде Улјанов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ