сабота, 10 јануари 2026

Ројтерс: Трамп размислува да им плати до 100.000 долари по жител на Гренланѓани за да се приклучат кон САД

Анкетите покажуваат дека мнозинството жители на Гренланд сакаат независност од Данска, но и дека се противат на припојување кон Соединетите Американски Држави.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американски функционери разговарале за можноста за паушални исплати на жителите на Гренланд како еден од начините да ги убедат да се одвојат од Данска и потенцијално да се приклучат кон Соединетите Американски Држави, рекле за Ројтерс четири неименувани извори запознаени со темата.

Два извори рекле дека неколку американски функционери, меѓу кои и советници во Белата куќа, разговарале за износи од 10.000 до 100.000 долари по жител на Гренланд, најголемиот остров во светот.

Идејата за директно плаќање на жителите на Гренланд, автономна прекуокеанска територија на Данска, е едно од објаснувањата како САД би можеле да се обидат да го „купат“ островот на кој живеат околу 57.000 луѓе, и покрај тоа што властите и во Копенхаген и во Нук упорно нагласуваат дека тој не е на продажба.

Оваа тактика е една од големиот број планови што Белата куќа ги разгледува за вклучување на Гренланд во составот на САД, при што една од опциите е и користење на американската војска.

Сепак, директното плаќање би било критикувано како премногу трансакциско, па дури и понижувачко за население што со децении дебатира за сопствената независност и економската зависност од Данска.

„Доста е! Нема повеќе фантазии за анексија“, напиша премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, на Фејсбук во неделата, откако Трамп повторно им изјави на новинарите дека САД мора да го припојат островот.

Лидерите на Данска и на други европски земји со презир реагираа на коментарите на Трамп и на други американски функционери за правото што САД го полагаат на Гренланд. На тоа дополнително влијае и фактот што САД и Данска се сојузници во НАТО, поврзани со договор за заемна одбрана.

Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Полска и Данска во вторникот издадоа заедничко соопштение во кое наведоа дека само Гренланд и Данска можат да одлучуваат за прашања што се однесуваат на нивните меѓусебни односи.

Трамп подолго време тврди дека САД треба да го припојат Гренланд од повеќе причини, меѓу кои и тоа што островот е богат со минерали потребни за напредна воена технологија. Тој исто така смета дека западната хемисфера треба да биде под геополитичко влијание на Вашингтон.

Соработниците на Трамп разгледувале начини за преземање на Гренланд уште пред неговото враќање во Белата куќа во јануари минатата година, а прашањето повторно излезе во преден план откако американските власти го заробија претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, во Каракас на 3 јануари, рекле за Ројтерс изворите запознаени со внатрешните разговори.

Еден извор навел дека советниците во Белата куќа сакаат да го искористат импулсот создаден од успешната воена операција во Венецуела за остварување други долгогодишни геополитички цели.

Еден функционер на Белата куќа во вторникот изјави дека склучувањето Договор за слободно здружување со Гренланд е една од можностите што се споменуваат меѓу помошниците на Трамп.

Деталите на Договорот за слободно здружување, кои САД досега ги имаат склучено само со мали островски држави во Микронезија (Маршалските Острови и Палау), варираат во зависност од потписникот. Владата на САД обично обезбедува низа важни услуги, како што се поштенски услуги и воена заштита, додека американската војска за возврат слободно дејствува во тие земји, а нивната трговија со САД главно е без царини.

САД досега вакви договори склучувале само со независни држави, што значи дека Гренланд веројатно би морал да се одвои од Данска за да се спроведе таков план. Теоретски, американските парични исплати кон жителите на Гренланд би можеле да се искористат за да се поттикнат да гласаат за независност или да потпишат Договор за слободно здружување по таквото изјаснување.

Анкетите покажуваат дека убедливо мнозинство од жителите на Гренланд сакаат независност од Данска, но мнозинството пратеници не распишуваат референдум за независност, меѓу другото и поради загриженост за економските трошоци од отцепувањето. Анкетите исто така покажуваат дека мнозинството жители на Гренланд се противат на приклучување кон Соединетите Американски Држави.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ