петок, 20 март 2026

Ројтерс: Се менува ставот на земјите од Заливот за војната против Иран

Арапските земји од Персискиот залив не побарале од Соединетите Американски Држави да почнат војна против Иран, но повеќето сега го повикуваат Вашингтон да не сопира пред Иран да ја изгуби својата способност да ги загрозува клучните нафтени рути и економиите кои зависат од нив, изјавиле извори од регионот за Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во исто време, тие извори и пет западни и арапски дипломати наведуваат дека САД вршат притисок врз земјите од Заливот да се приклучат на војната на САД и Израел. Според тројцата соговорници, американскиот претседател Доналд Трамп сака да покаже регионална поддршка за операцијата со цел да ја зајакне својата меѓународна легитимност и поддршка во земјата.

„Постои силно чувство низ целиот Залив дека Иран ги преминал сите црвени линии кон секоја земја во регионот“, вели Абдулазиз Сагер, раководител на Истражувачкиот центар за саудискиот Заливскиот истражувачки центар, запознаен со размислувањето на владите.

„На почетокот ги браневме и се противевме на војната. Но, кога почнаа да насочуваат напади кон нас, тие станаа непријател. Нема друг начин да се опишат“, додава тој.

Техеран веќе го демонстрираше својот дострел, напаѓајќи аеродроми, пристаништа, нафтени објекти и економски центри во сите шест земји од Персискиот залив со ракети и беспилотни летала, истовремено нарушувајќи ја пловидбата низ Ормускиот теснец, низ кој минува околу една петтина од светската нафта и кој е клучен за економиите на регионот.

Овие напади дополнително ги засилија стравувањата дека оставањето на Иран со значајни офанзивни капацитети или индустрија за оружје би можело да го охрабри Техеран да ги блокира клучните енергетски патишта во секое време.

Додека војната влегува во третата недела, со зголемени американски и израелски воздушни напади и ирански контранапади врз американски бази и цивилни цели низ целиот Залив, еден извор од регионот нагласи дека расположението меѓу лидерите е јасно: Трамп треба сериозно да ги ослаби воените капацитети на Иран.

Алтернативата, според него, е живот под постојана закана. Доколку Иран не биде значително ослабен, ќе продолжи да го уценува регионот.

Иран, претежно шиитска држава, честопати со недоверба гледа на своите претежно сунитски соседи во Заливот, блиски сојузници на САД кои исто така се домаќини на американски воени бази, иако односите со Катар и Оман генерално беа помалку напнати.

Со текот на годините Иран и неговите сојузници беа обвинети за напади врз енергетските капацитети во регионот, вклучувајќи го и нападот во 2019 година врз нафтените капацитети Абкаик и Хураис во Саудиска Арабија, за кој Иран негираше одговорност, што го преполови производството на Саудиска Арабија и ги разниша енергетските пазари.

За лидерите од Заливот сега е поголем ризик да не се направи ништо. Ефектите од нападите на Иран овој месец одат подалеку од директната материјална штета, бидејќи тие не само што го нарушуваат протокот на нафта, туку и го поткопуваат тешко стекнатиот имиџ на стабилност и безбедност врз кој се темелат напорите на земјите во регионот за развој на трговијата, туризмот и намалување на зависноста од фосилни горива.

„Ако Американците се повлечат пред да се заврши работата, ќе останеме сами соочени со Иран“, тврди Сагер.

На прашањето за оваа загриженост, Белата куќа порача дека САД „ја уништуваат способноста на Иран да лансира и произведува такво оружје“ и дека Трамп е „во близок контакт со партнерите на Блискиот Исток“.

Извори од регионот наведуваат дека едностраната воена акција од која било земја од Персискиот залив не е опција бидејќи само заедничка акција би можела да спречи одмазда против поединечни земји.

Но, сè уште не е постигнат консензус. Шесте членки на Советот за соработка во Персискиот залив, Бахреин, Кувајт, Катар, Саудиска Арабија, Оман и ОАЕ, одржаа само еден состанок преку видео повик, а не беше свикан никаков арапски самит за координиран одговор.

Министерот за одбрана на САД Пит Хегсет минатата недела изјави дека партнерите од Персискиот залив „го засилуваат ангажманот“ и се подготвени да „тргнат во офанзива“, додека веќе соработуваат со САД за заедничка воздушна одбрана, иако не прецизираше дополнителни чекори.

Висок функционер на ОАЕ истакна дека неговата земја се одлучила за воздржаност откако Иран тврдеше дека американската војска ја користела територијата на ОАЕ за да го нападне островот Харк, главниот центар за извоз на нафта во Иран.

Сегер, меѓутоа, предупреди дека Саудиска Арабија, како главен регионален ривал на Иран, би можела да биде принудена да одговори ако Иран ги премине клучните граници, особено со напади врз големи нафтени постројки или постројки за десалинизација или ако има големи жртви.

„Во тој случај, Саудиска Арабија нема да има друг избор освен да интервенира“, убеден е тој. Тој додава дека Ријад сепак ќе се обиде да го ограничи одговорот за да избегне понатамошна ескалација.

Фаваз Гергес од Лондонската школа за економија верува дека арапските земји од Заливот се соочуваат со стратегиска дилема: тие мора да балансираат помеѓу непосредната закана од ирански напади и многу поголемиот ризик да бидат вовлечени во војна водена од САД и Израел.

Вклучувањето во тој конфликт, вели тој, малку би придонела за воената супериорност на САД, но значително би ја зголемила изложеноста на иранска одмазда. Резултатот е внимателна стратегија: одбрана на суверенитетот и испраќање јасни пораки без влегување во војна која земјите од Персискиот залив не ја почнале ниту ја контролираат.

Иранското влијание е моментално видливо. Техеран практично одлучува кои бродови можат да поминат низ теснецот, што не е прифатливо за ниту една земја во регионот.

„Сега кога Иран покажа дека може да го затвори Ормускиот теснец, Заливот се соочува со сосема нова закана. Ако не се реши, оваа закана ќе биде долгорочна“, вели Бернард Хајкел од Универзитетот Принстон.

Трамп во неделата повика на формирање коалиција за да помогне во повторното отворање на пловниот пат, но без многу успех.

Хајкел верува дека, иако глобалната економија зависи од нафтата и гасот од Заливот, повеќето од овие енергенси одат во Кина, Јапонија и други азиски економии, па затоа и тие мора да преземат дел од одговорноста. „Кина помогна во обезбедувањето на поморските патишта во близина на Сомалија, можеби би можела да интервенира и тука“, истакнува тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ