недела, 8 март 2026

Ројтерс: Саудиска Арабија порача дека ќе одговори со иста мера ако Техеран ги продолжи нападите

Саудиска Арабија му порача на Техеран дека, иако се залага за дипломатско решение на иранскиот конфликт со САД, продолжувањето на нападите врз кралството и неговиот енергетски сектор може да го принуди Ријад да одговори со иста мера, рекле за агенцијата Ројтерс четири извори запознаени со прашањето.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пораката беше пренесена пред вчерашниот говор во кој иранскиот претседател Масуд Пезешкијан им се извини на соседните заливски држави поради постапките на Техеран — што, според сè, е обид да се ублажи регионалниот гнев поради иранските напади во кои биле погодени цивилни цели, наведува Ројтерс.

Два дена претходно, саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, разговарал со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и јасно го изнел ставот на Ријад, навеле изворите.

Саудиска Арабија е отворена за секој облик на посредување насочен кон деескалација и решение постигнато преку преговори, пренеле изворите од зборовите на министерот, нагласувајќи дека ниту Ријад ниту другите заливски држави не им дозволиле на САД да изведуваат воздушни напади врз Иран.

Но, според изворите, принцот Фајсал исто така рекол дека, доколку продолжат иранските напади врз саудиска територија или врз енергетската инфраструктура, Саудиска Арабија ќе биде принудена да им дозволи на американските сили да ги користат нивните бази за воени операции. Ријад ќе возврати ако продолжат нападите врз клучните енергетски постројки на кралството, рекол тој.

Изворите наведуваат дека кралството останало во редовен контакт со Техеран преку својот амбасадор откако на 28 февруари започна американската и израелската воена кампања против Иран, по пропаста на преговорите за иранската нуклеарна програма.

Министерствата за надворешни работи на Саудиска Арабија и Иран не одговориле на барањата за коментар, наведува Ројтерс.

Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Катар, Бахреин и Саудиска Арабија во текот на изминатата недела беа изложени на силни напади со ирански дронови и ракети.

Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен првиот ден од војната. Техеран одговори со напади врз Израел и заливските арапски држави во кои се наоѓаат американски воени постројки, додека Израел ја нападна либанската вооружена група Хезболах, поддржана од Иран.

Арагчи вчера во интервју изјави дека останал во постојан контакт со својот саудиски колега и со други саудиски претставници, додавајќи дека Ријад го уверил Техеран дека е целосно посветен на тоа да не дозволи користење на неговата територија, води или воздушен простор за напади врз Иран.

Пезешкијан изјави дека привремениот совет на Иран одобрил прекин на нападите врз соседните земји — освен ако напад врз Иран не дојде од тие држави.

„Лично им се извинувам на соседните земји што беа погодени од постапките на Иран“, рече Пезешкијан.

Не е јасно во која мера зборовите на Пезешкијан укажуваат на промена на ставот. Во саботата следуваа нови извештаи за напади врз заливските држави, наведува Ројтерс.

Како знак за можни поделби во иранското раководство, Централниот штаб Хатам ал-Анбија — обединета борбена команда на иранските вооружени сили — потоа соопшти дека американските и израелските бази и интереси низ регионот ќе останат цел.

Командата наведе дека иранските вооружени сили го почитуваат суверенитетот и интересите на соседните држави и дека досега не преземале акции против нив. Но порача дека американските и израелските воени бази и средства на копно, море и во воздух низ регионот ќе се третираат како примарни цели и ќе се соочат со „силни и тешки“ удари од иранските сили.

Претседателот на САД Доналд Трамп напиша на социјалните мрежи дека Иран „се извинил и им се предал на своите соседи на Блискиот Исток и ветил дека повеќе нема да пука врз нив. Тоа ветување е дадено само поради немилосрдниот американски и израелски напад.“

Два ирански извори потврдија дека се одржал разговор во кој Ријад го предупредил Техеран да ги запре нападите врз Саудиска Арабија и соседните заливски држави. Иран, како што рекле, го повторил својот став дека нападите не се насочени против самите заливски земји, туку против американските интереси и воените бази на нивна територија, пишува Ројтерс.

Еден ирански извор рекол дека Техеран за возврат побарал американските бази во регионот да бидат затворени и некои заливски држави да престанат да споделуваат разузнавачки информации со Вашингтон, за кои Иран верува дека се користат за изведување напади против него.

Друг ирански извор изјавил дека некои воени команданти инсистираат на продолжување на нападите, обвинувајќи ги САД дека ги користат базите во заливските држави и воздушниот простор на тие земји за операции против Иран.

Иран во последните години ги подобри односите со своите заливски соседи, вклучувајќи го и некогашниот регионален ривал Саудиска Арабија. Таа дипломатска кампања се распадна во бранот дронови и ракети што во текот на изминатата недела ги лансираше Иранската револуционерна гарда.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ