недела, 7 декември 2025

Ројтерс: САД сакаат Европа до 2027 да ги преземе повеќето конвенционални одбранбени капацитети на НАТО

Соединетите Американски Држави сакаат Европа да ги преземе поголемиот дел од конвенционалните одбранбени капацитети на НАТО – од разузнавањето до ракетните системи – до 2027 година, изјавија претставници на Пентагон пред дипломатите во Вашингтон оваа недела, со краток рок за кој некои европски претставници оценија дека е нереален, објави денес Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пораката, како што објавија пет извори запознаени со разговорот, вклучувајќи и еден американски функционер, била објавена на состанок во Вашингтон на кој присуствувале соработници на Пентагон задолжени за политиката на НАТО и неколку европски делегации, наведува Ројтерс во текстот.

Британската агенција пишува дека префрлањето на овој товар од САД врз европските членки на Организацијата на Северноатлантскиот договор драматично би го променило начинот на кој САД, основачот на воениот сојуз, соработуваат со своите најважни воени партнери.

На состанокот, претставниците на Пентагон нагласиле дека Вашингтон сè уште не е задоволен од напредокот кој Европа го постигна во зајакнувањето на своите одбранбени капацитети против проширената руска инвазија на Украина во 2022 година.

Американските претставници им кажале на своите соговорници дека доколку Европа не го исполни рокот од 2027 година, САД можеби повеќе нема да учествуваат во некои механизми за координација на одбраната на НАТО, кажале изворите, кои побарале анонимност за да зборуваат за приватните разговори.

Еден американски претставник кажал дека одредени претставници на Капитол Хил се запознаени со пораката на Пентагон до Европејците и се загрижени за тоа.

Не е јасно како сега ќе се мери напредокот на НАТО

Конвенционалните одбранбени капацитети вклучуваат ненуклеарни ресурси – од војници до оружје – и претставниците не објасниле како САД би го мереле европскиот напредок во преземањето поголем дел од тој товар.

Исто така не е јасно дали рокот од 2027 година го претставува ставот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп или е само мислење на одредени претставници на Пентагон. Во Вашингтон постои значително несогласување за тоа каква воена улога треба да играат САД во Европа.

Неколку европски претставници изјавиле дека рокот до 2027 година не е реалистичен, без оглед на тоа како Вашингтон го мери напредокот, бидејќи на Европа, покрај парите и политичката волја, ѝ е потребно и време да замени одредени американски капацитети на краток рок.

Меѓу другото, сојузниците на НАТО се соочуваат со доцнења во производството на воената опрема која се обидуваат да ја набават. Иако американските претставници ја охрабруваат Европа да купи повеќе американска опрема, многу од најбараните оружја и одбранбени системи на Америка би се чекале со години за испорака доколку се нарачаат денес.

САД, исто така, придонесуваат со капацитети кои едноставно не можат да се купат, како што се уникатни разузнавачки, надзорни и извидувачки капацитети што се покажаа како клучни за украинските воени напори.

На прашањето за коментар, претставник на НАТО, кој зборувал во име на Алијансата, кажал дека европските сојузници веќе почнале да преземаат поголема одговорност за безбедноста на континентот, но не го коментираше рокот – 2027 година.

„Сојузниците ја препознаа потребата да инвестираат повеќе во одбраната и да го префрлат товарот на конвенционалната одбрана од САД на Европа“, кажал претставникот.

Белата куќа не одговори веднаш на барањата за коментар, наведува Ројтерс.

Портпаролката на Пентагон Кингсли Вилсон изјави: „Бевме многу јасни дека Европејците мора да ја преземат водечката улога во конвенционалната одбрана на Европа. Ние сме посветени на работа преку координативните механизми на НАТО за зајакнување на Алијансата и обезбедување на нејзината долгорочна одржливост, бидејќи европските сојузници сè повеќе преземаат одговорност за конвенционалното одвраќање и одбрана во Европа“.

Европските земји во голема мера го прифатија барањето на Трамп да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност и се обврзаа на значително зголемување на трошоците за одбрана.

Европската Унија постави цел да го направи континентот способен за самоодбрана до 2030 година и наведе дека мора да ги пополни празнините во воздушната одбрана, беспилотните летала, сајбер капацитетите, муницијата и другите области. Службениците и аналитичарите велат дека дури и тој рок е многу амбициозен.

Односот Вашингтон-НАТО е турбулентен и променлив

Администрацијата на Трамп постојано тврди дека европските сојузници мора да придонесат повеќе за НАТО, но не е секогаш јасно каква е позицијата на претседателот во врска со НАТО.

За време на кампањата во 2024 година, Трамп често ги критикуваше европските сојузници и кажа дека ќе го охрабри рускиот претседател Владимир Путин да ги нападне земјите од НАТО кои не трошат доволно за одбрана.

Сепак, на годишниот самит на лидерите на НАТО во јуни, Трамп ентузијастички ги пофали европските лидери за согласноста за планот на САД за зголемување на годишните трошоци за одбрана на земјите-членки на пет проценти од бруто домашниот производ.

Во последните месеци, Трамп се колебаше помеѓу поцврст став кон Русија – главниот противник на Алијансата – и, во поново време, подготвеноста за преговори со Москва за украинскиот конфликт. Европските претставници се пожалија дека во тие преговори во голема мера биле заобиколени.

На состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО оваа недела, заменикот на државниот секретар на САД Кристофер Ландау кажа дека е „очигледно“ дека НАТО сојузниците треба да ја преземат одговорноста за одбраната на Европа.

„Успешните американски администрации го кажува ова на еден или друг начин речиси целиот мој живот… но нашата администрација навистина го мисли она што го кажува“, напиша Ландау на социјалната мрежа Икс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ