сабота, 21 јуни 2025

Ројтерс: САД предлагаат двомесечен прекин на огнот во Газа, вклучувајќи размена на заложници и затвореници

Американски план за Газа во кој Ројтерс имал увид, предлага 60-дневен прекин на огнот и ослободување на 28 израелски заложници, и мртви и живи, во првата недела, во замена за ослободување на 1.236 палестински затвореници и враќање на останките на 180 Палестинци.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Планот, за кој се наведува дека го гарантираат американскиот претседател Доналд Трамп и посредниците Египет и Катар, вклучува испраќање помош во Газа веднаш штом Хамас ќе потпише договор за прекин на огнот.

Помошта ќе биде доставена преку Обединетите нации, Црвената полумесечина и други канали, пренесува Ројтерс.

Белата куќа вчера објави дека Израел се согласил со американскиот предлог за прекин на огнот.

Израелските медиуми објавија дека премиерот Бенјамин Нетанјаху им кажал на семејствата на заложниците во Газа дека Израел го прифатил договорот што го презентирал пратеникот на претседателот Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф. Палестинската милитантна група Хамас изјави за Ројтерс дека го разгледува планот и дека ќе одговори денес или утре.

Последните 30 заложници треба да бидат ослободени откако ќе се воспостави траен прекин на огнот. И Израел треба да ги прекине сите воени операции во Газа штом стапи во сила прекинот на огнот.

Длабоките разлики меѓу Хамас и Израел ги попречија претходните обиди за договор. Израел инсистираше Хамас целосно да се разоружи и разбиен како воена и владејачка сила и дека сите 58 заложници кои сè уште се во Газа мора да бидат вратени пред да се согласи за прекин на војната. Хамас го отфрли барањето да се откаже од оружјето и вели дека Израел мора да ги повлече своите трупи од Газа и да се обврзе да стави крај на војната.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ