Страницата ќе биде хостирана на „freedom.gov“, рекле изворите. Еден извор навел дека службениците разговарале за вклучување функција за виртуелна приватна мрежа што ќе направи сообраќајот на корисникот да изгледа како да потекнува од САД и додаде дека активноста на корисниците на страницата нема да се следи.
Проектот, предводен од потсекретарката за јавна дипломатија Сара Роџерс, се очекувало да биде претставен на минатонеделната Минхенска безбедносна конференција, но бил одложен, рекоа изворите.
Ројтерс не можел да утврди зошто лансирањето не се случило, но некои службеници на Стејт департментот, вклучително и правници, изразиле загриженост за планот, рекле двајца од изворите, без да ги наведат деталите за загриженоста.
Проектот би можел дополнително да ги затегне односите меѓу администрацијата на Трамп и традиционалните сојузници на САД во Европа, веќе заострени поради спорови околу трговијата, војната на Русија во Украина и притисокот на претседателот Доналд Трамп да воспостави контрола врз Гренланд.
Порталот би можел и да го стави Вашингтон во необична позиција да изгледа како да ги охрабрува граѓаните да ги прекршуваат локалните закони.
Во изјава за Ројтерс, портпарол на Стејт департментот рече дека американската влада нема програма за заобиколување цензура специфична за Европа, но додаде: „Дигиталната слобода е приоритет за Стејт департментот и тоа вклучува ширење технологии за приватност и заобиколување цензура, како што се ВПН-ите.“
Портпаролот негираше дека било одложено некакво соопштение и рече дека не е точно дека правниците на Стејт департментот изразиле загриженост.
Администрацијата на Трамп ја направи слободата на говорот — особено она што го гледа како задушување на конзервативните гласови на интернет — фокус на својата надворешна политика, вклучително во Европа и Бразил, пишува Ројтерс.
Европскиот пристап кон слободата на говор се разликува од американскиот, каде што Уставот го штити речиси секое изразување. Ограничувањата на Европската Унија произлегуваат од напорите да се спречи повторна појава на екстремистичка пропаганда што го поттикна нацизмот, вклучително неговото оцрнување на Евреите, странците и малцинствата.
Американските службеници ги осудија политиките на ЕУ за кои велат дека ги потиснуваат десничарските политичари, вклучително во Романија, Германија и Франција, и тврдат дека правилата како Актот за дигитални услуги на ЕУ и британскиот Закон за онлајн-безбедност ја ограничуваат слободата на говор.
Делегацијата на ЕУ во Вашингтон, која функционира како амбасада за блокот од 27 држави, не одговорила веднаш на барањето за коментар за американскиот план.
Според правила што најжестоко се однесуваат на социјалните мрежи и големите платформи како Фејсбук и Икс, ЕУ ја ограничува достапноста — а во некои случаи бара брзо отстранување — на содржините класифицирани како нелегален говор на омраза, терористичка пропаганда или штетни дезинформации, врз основа на група правила, закони и одлуки донесени од 2008 година наваму.
Кошкање со европските регулатори
Роџерс од Стејт департментот се наметна како гласен застапник на позицијата на администрацијата на Трамп за политиките на ЕУ за содржините. Таа посети повеќе од половина дузина европски земји откако стапи на функцијата во октомври и се сретна со претставници на десничарски групи за кои администрацијата вели дека се потиснати. Министерството не му ја дало Роџерс на располагање на Ројтерс за интервју.
Во Националната стратегија за безбедност објавена во декември, администрацијата на Трамп предупреди дека Европа се соочува со „цивилизациско бришење“ поради своите миграциски политики. Во неа се наведува дека САД ќе му дадат приоритет на „поттикнувањето отпор кон сегашната траекторија на Европа во рамките на европските нации“.
Регулаторите на ЕУ редовно бараат од сајтовите со седиште во САД да отстрануваат содржини и можат да воведат забрани како последна мерка. Икс, кој е во сопственост на сојузникот на Трамп, Илон Маск, во декември беше казнет со 120 милиони евра поради непочитување.
Германија, на пример, во 2024 издаде 482 налози за отстранување материјал што го сметала за поддршка или поттикнување тероризам и ги принуди провајдерите да отстранат 16.771 содржина.
Слично, надзорниот одбор на Мета во 2024 нареди отстранување објави на полска политичка партија што користеле расна навреда и ги прикажувале имигрантите како силувачи, категорија содржини што правото на ЕУ ја третира како нелегален говор на омраза.
Нарекувајќи го американскиот план „директен удар“ врз европските правила и закони, поранешниот службеник на Стејт департментот Кенет Проп, кој работел на европските дигитални регулативи и сега е во Европскиот центар на Атлантскиот совет, рече дека freedom.gov „ќе се перципира во Европа како американски обид да се осуетат одредбите на националните закони“.
Во напорите околу порталот е вклучен и Едвард Користин, поранешен член на одделот за владина ефикасност на Маск, рекле два извори. Користин работи со Националното студио за дизајн, создадено од Трамп за разубавување на владините веб-страници. Ројтерс не успеал да стапи во контакт со Користин за коментар.
Не е јасно какви предности би имал владиниот портал на САД за корисниците во споредба со комерцијалните ВПН-и, вели Ројтерс.
Веб-адресата freedom.gov била регистрирана на 12 јануари, според федералниот регистар get.gov.
Пред вториот мандат на Трамп, американската влада помагаше во финансирањето на комерцијалните ВПН-и и други алатки како дел од напорите за промовирање демократија на светско ниво и помагање на корисниците да пристапат до слободни информации во Кина, Иран, Русија, Белорусија, Куба, Мјанмар и други земји.






