Потпретседателот на САД Џеј Ди Венс изјави во неделата дека Вашингтон го разгледува барањето на Украина за добивање ракети „томахавк“, кои би можеле да предизвикаат сериозна штета длабоко во Русија, вклучително и во Москва.
Ројтерс претходно објави дека САД ќе ѝ обезбедат на Украина разузнавачки информации за планирање ракетни напади со долг дострел врз енергетски цели во Русија.
Сепак, американскиот функционер и изворите запознаени со обуката и снабдувањето поврзани со „томахавк“ ја доведоа во прашање изводливоста на таквата испорака. Овие ракети имаат дострел до 2.500 километри.
Функционерот истакнал дека нема недостиг од оружјето на американската војска, кое често се користи за напад на копнени цели, но посочи дека на Киев би можеле да му се понудат други опции со пократок дострел. Тој додаде дека САД би можеле да размислат и да им дозволат на европските сојузници да купат друго оружје со долг дострел и да го испорачаат во Украина, но дека проектили „томахавк“ веројатно нема да бидат испорачани.
Во последните недели, Трамп значително го промени начинот на кој зборува за војната во Украина, сугерирајќи дека Киев би можел да ја врати целата територија што Русија ја зазеде и нарекувајќи ја руската војска „хартиен тигар“.
Одлуката на САД да ѝ помогнат на Украина да ја таргетира руската енергетска инфраструктура е еден од првите конкретни резултати од таа промена на ставот, според Ројтерс.
САД и нивните сојузници развија нов финансиски механизам – „Приоритетна листа на барања за Украина“ – кој ѝ обезбедува на Украина ново оружје, како и средства од американските залихи, финансирани од парите на земјите од НАТО.
Испораката на ракетите „томахавк“ значително би ги проширила офанзивните капацитети на Украина, овозможувајќи ѝ да нападне цели длабоко на руска територија, вклучувајќи воени бази, логистички центри, аеродроми и командни пунктови кои сега се надвор од дофат.
Кремљ предупреди дека евентуалната испорака на ракети „томахавк“ во Украина би предизвикала нова рунда опасна ескалација меѓу Русија и Западот.
Според буџетските документи на Пентагон, американската морнарица – главниот корисник на ракетите „томахавк“ – досега купила вкупно 8.959 ракети, по просечна цена од 1,3 милиони долари по парче.
„Томахавк“ се произведува од средината на осумдесеттите години од минатиот век, а во последно време се произведувале од 55 до 90 проектили годишно. Пентагон планира да купи 57 нови ракети во 2026 година.
Русија во понеделникот објави дека нејзината војска анализира дали САД навистина ќе испорачаат крстосувачки ракети Томахавк на Украина за напади длабоко на руска територија.






