Соговорниците, кои побарале анонимност поради чувствителноста на темата, рекле дека предлогот вклучува, меѓу другото, намалување на големината на вооружените сили на Украина. Според нив, Вашингтон сака Киев да ги прифати главните точки од предлогот.
Според Фајненшл тајмс, кој се повикува на три извори со директно познавање на планот, со нацртот се бара Украина да го предаде остатокот од источниот регион Донбас, вклучувајќи ги и деловите што сè уште се под контрола на Киев, и да ги преполови своите вооружени сили.
Планот, нагласуваат изворите, исто така бара од Украина да се откаже од одредени клучни видови оружје. Тој би вклучувал и постепено укинување на американската воена помош, која досега беше клучна за одбраната на Украина, што би можело да ја остави земјата ранлива на идна руска агресија.
Според нацртот, не треба да има странски војници на украинска територија, а Киев повеќе нема да добива западно оружје со долг дострел што може да таргетира цели длабоко во Русија.
Планот, исто така, би предвидувал рускиот јазик да биде признаен како службен јазик во Украина, а локалната гранка на Руската православна црква да добие официјален статус, што одговара на долгогодишните политички цели на Кремљ.
Еден извор го опишал документот како многу општ и „силно проруски“. Друг соговорник рекол дека планот е „многу пријатен за Путин“.
Трет извор од Русија, кој е запознаен со ситуацијата, рекол: „Тоа не е план, туку мешавина од конкретни, практични предлози и добри намери“. „Дел од тоа за Украина е целосно неприфатлив“, додаде тој.
Украинските претставници што го виделе документот веруваат дека нацртот практично се совпаѓа со максималистичките барања на Кремљ и би бил неприфатлив за Украина без сериозни промени.
Сепак, еден од изворите бил малку пооптимистичен и рекол дека „Американците вршат притисок врз Москва јасно да каже што всушност очекува за да можат да започнат преговорите“.






