Европа можеби ќе мора да го прифати растечкото економско партнерство меѓу Вашингтон, нејзиниот традиционален заштитник во НАТО алијансата, и Москва, за која повеќето европски влади, а и врвот на НАТО, велат дека е најголемата закана за европската безбедност, пишува Ројтерс во статијата „Обидот на Трамп да ја оконча војната во Украина буди страв од „грд договор“ за Европа“.
Иако Украинците и другите Европејци успеаја да се спротивстават на делови од американскиот план од 28 точки за прекин на борбите, кој беше сфатен како изразено проруски, секој договор веројатно ќе носи големи ризици за континентот.
Сепак, способноста на Европа да влијае на договорот е ограничена, не само затоа што нема цврста моќ да диктира услови. Европа не беше претставена на разговорите меѓу американските и украинските претставници на Флорида за време на викендот и само гледа од далеку на денешната посета на специјалниот претставник на Соединетите Американски Држави Стив Виткоф на рускиот претседател Владимир Путин во Москва.
„Добивам впечаток дека полека се стекнува свест дека во одреден момент ќе има лош договор“, вели Лук ван Миделар, основач и директор на аналитичката група Бриселски институт за геополитика.
„Трамп очигледно сака договор. Она што е многу непријатно за Европејците е тоа што тој сака договор според логиката на големите сили: „Ние сме САД, тие се Русија, ние сме големите сили““, вели тој.
Шефот на американската дипломатија Марко Рубио кажа дека Европејците ќе бидат вклучени во дискусиите за улогата на НАТО и Европската Унија во секое мировно решение.
Европските дипломати веруваат дека речиси секој аспект од договорот би влијаел на Европа – од потенцијалните територијални отстапки на Украина до економската соработка меѓу САД и Русија.
Европските претставници кажаа дека не гледаат знаци дека Путин сака да ја заврши инвазијата на Украина. Но, ако тоа се случи, тие се загрижени дека секој договор што не го почитува територијалниот интегритет на Украина би можел да ја охрабри Русија повторно да нападне надвор од нејзините граници.
Сепак, сега се чини веројатно дека секој мировен договор би ѝ дозволил на Москва барем да ја задржи контролата врз украинската земја која ја зазеде со сила, без оглед на тоа дали се границите формално променети или не.
Администрацијата на Трамп, исто така, не ги отфрли веднаш руските претензии кон остатокот од регионот Донбас, кој Москва не успеа целосно да го освои по речиси четири години војна.
Трамп и други американски претставници дури јасно дадоа до знаење дека гледаат големи можности за бизнис договори со Москва откако ќе заврши војната.
Европските претставници стравуваат дека завршувањето на изолацијата на Русија од западната економија ќе ѝ даде на Москва милијарди долари за реконструкција на нејзината војска.






