понеделник, 12 јануари 2026

Ројтерс: Меѓу целите на воената операција во која беше заробен Мадуро е и пораката до Кина – подалеку од Америките

Меѓу бројните цели на американската воена операција од минатата недела во која беше заробен венецуелскиот претседател Николас Мадуро беше да се испрати порака до Кина: држете се подалеку од Америка, пишува Ројтерс во аналитички текст.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Најмалку две децении Пекинг се обидува да изгради влијание во Јужна Америка, не само за економски можности, туку и за да добие стратегиско упориште на прагот на својот главен геополитички ривал.

Напредокот на Кина – од станици за сателитско следење во Аргентина и пристаништа во Перу до економска поддршка за Венецуела – беше извор на иритација за последователните американски администрации, вклучително и онаа на Доналд Трамп.

Неколку претставници на администрацијата на Трамп изјавија за Ројтерс дека потегот на американскиот претседател против Мадуро делумно бил насочен кон ограничување на амбициите на Кина и дека се „завршени деновите“ кога Пекинг, користејќи ги долговите, добивал евтина венецуелска нафта.

„Не ве сакаме таму“

Трамп во петокот отворено ја изнесе таа порака, изразувајќи непријатност кон Кина и Русија како „соседи во комшилукот“ за време на состанокот со раководителите на нафтените компании.

„Им кажав на Кина и на Русија: „Добро се сложуваме со вас, многу ве сакаме, но не ве сакаме таму – нема да бидете таму“, кажа Трамп. Тој додаде дека Кина сега ќе каже дека е „отворена за бизнис“ и дека може „да купи секаква нафта што ја сака од нас, таму или во Соединетите Држави“.

Успехот на утринската рација на 3 јануари, во која американски командоси упаднаа во Каракас и го заробија венецуелскиот претседател и неговата сопруга, беше тежок удар за кинеските интереси и престиж, наведува Ројтерс.

Противвоздушната одбрана која американските сили брзо ја онеспособија беше обезбедена од Кина и Русија, а Трамп кажа дека помеѓу 30 и 50 милиони барели нафта под санкции – од кои голем дел претходно беше наменет за кинески пристаништа – сега ќе бидат пренасочени кон САД.

Аналитичарите наведуваат дека заробувањето на Мадуро ја разоткрило ограничената способност на Пекинг да ја наметне својата волја во Америките.

Нападот го покажа јазот меѓу кинеската „реторика на голема сила“и нејзиниот вистински дострел во западната хемисфера, вели Крег Синглтон, експерт за Кина во аналитичката група Фондација за одбрана на демократиите.

„Пекинг може да протестира дипломатски, но не може да ги заштити партнерите или имотот кога Вашингтон одлучува да примени директен притисок“, вели тој.

Во изјава за Ројтерс, кинеската амбасада во Вашингтон соопшти дека ги отфрла она што го нарече „еднострани, нелегални и насилни постапки“ на Соединетите Држави.

„Кина и земјите од Јужна Америка и Карибите одржуваат пријателска размена и соработка. Без оглед на тоа како ќе се развива ситуацијата, ние ќе продолжиме да бидеме пријател и партнер“, кажа портпаролот на амбасадата Лиу Пенгју.

Белата куќа не одговори на барањето за коментар.

Сепак, еден функционер на администрацијата кажа дека „Кина треба да биде загрижена за својата позиција на западната хемисфера“, додавајќи дека нејзините партнери во регионот сè повеќе сфаќаат дека Пекинг не може да ги заштити.

Нејасната политика на Трамп кон Кина

Политиката на администрацијата на Трамп кон Пекинг изгледа контрадикторна – од една страна, отстапки насочени кон смирување на трговската војна, а од друга страна, сè посилна американска поддршка за Тајван, пишува Ројтерс во текстот.

Операцијата во Венецуела, сепак, дејствуваше како пресврт на американската политика во посуров, повоинствен правец.

Токму тајмингот на американскиот напад дополнително го зголемил срамот за Пекинг.

Само неколку часа пред да биде соборен, Мадуро се сретнал со специјалниот претставник на Кина за Јужна Америка, Чи Шаочи, во Каракас, што беше неговото последно јавно појавување пред да стане американски затвореник.

Средбата, која беше снимена со камера додека американските сили тајно се подготвувале да ја почнат операцијата, укажува дека Пекинг бил изненаден, кажа друг американски функционер.

„Да знаеја, немаше да го направат тоа толку јавно“, изјави функционерот за Ројтерс.

Со години, Пекинг вложуваше пари во венецуелските рафинерии и инфраструктура, обезбедувајќи економска поддршка откако САД и нивните сојузници ги заострија санкциите од 2017 година.

Заедно со Русија, Кина обезбеди и финансирање и опрема за венецуелската војска, вклучувајќи радарски системи неодамна промовирани како способни за откривање на напредни американски воени авиони. Сепак, тие системи не го спречија нападот, за кој американските претставници тврдеа дека е извршен без никакви загуби.

„Секоја земја во светот што користи кинеска одбранбена опрема сега ја проверува својата воздушна одбрана и се прашува колку е навистина безбедна од САД“, вели Мајкл Соболик, виш соработник во аналитичката група Хадсон институт.

„Тие исто така забележуваат како кинеските дипломатски гаранции до Иран и Венецуела резултираа со нулта реална заштита кога пристигна американската војска“, кажа тој.

Според лице запознаено со разузнавачките информации за кинеската реакција, Кина сега анализира што тргнало наопаку со тие одбранбени системи со цел да ги зајакне сопствените капацитети.

Кина се соочува со други регионални ризици

Кина наскоро би можела да се најде под притисок на други точки во регионот.

Се обиде да го зголеми своето влијание на Куба, а САД се сомневаат дека Пекинг спроведува разузнавачки операции таму. Кина го негира ова, но минатата година вети подобрена размена на разузнавачки информации со Хавана.

Во деновите по операцијата во Венецуела, Трамп кажа дека американската воена интервенција во Куба, која беше погодена од губењето на венецуелската нафта, веројатно не била потребна бидејќи островот изгледал подготвен сам да се урниса.

Администрацијата на Трамп, исто така, продолжува да ги истиснува кинеските компании од оперативните пристаништа околу Панамскиот канал, клучен воден пат кој ги поврзува Атлантски и Тихи океан.

Официјален претставник на Стејт департментот кажа дека САД „останува загрижени“ за кинеското влијание во близина на каналот, но ги цени потезите на Панама да го ограничи, вклучително и повлекувањето од кинеската иницијатива „Појас и пат“ и ревидирањето на концесиите на пристаништата на Панама кој е под договор со хонгконшката компанија Си Кеј Хачинсон.

Иако Кина се чини дека моментално е во дефанзива во регионот, аналитичарите предупредуваат дека подолгиот воен ангажман на САД во Венецуела или влошувањето на безбедносната ситуација таму би можеле да го отворат патот за повторно да се наметне Пекинг.

Даниел Расел, поранешен висок функционер на Стејт департментот, кој сега работи во Азиското друштво, вели дека драматичната промена на Вашингтон под водство на Трамп – од пристап на владеење на правото кон „логика на сфери на влијание фокусирана на западната хемисфера“ – би можела да и оди во прилог на Кина.

„Пекинг сака Вашингтон да прифати дека Азија е во сферата на Кина и несомнено се надева дека САД ќе се заглават во Венецуела“, кажа тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ