Околу 700 американски маринци ќе бидат на улиците на Лос Анџелес денес или утре, објави војската, за да ги поддржат околу 4.000 членови на Националната гарда во заштитата на федералниот имот и федералните агенти, вклучително и за време на рациите за имиграција. Трамп одлучи да испрати војници во Лос Анџелес и покрај противењето на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, што предизвика национална дебата за употребата на војската на американска почва.
Федерален судија во Сан Франциско денес ќе ги слушне аргументите во тужбата на Калифорнија против Трамп. Државата бара привремена забрана што би го блокирала учеството на војниците во полициските активности.
Во сабота, Американците ќе видат поделена слика: американските војници на улиците на два големи града – Лос Анџелес, каде што ги чуваат федералните згради, и Вашингтон, каде што војниците, придружени од тенкови и други оклопни возила, ќе парадираат по Уставната авенија во ретка јавна демонстрација на воена моќ по повод 250-годишнината од американската армија.
Речиси 2.000 протести против парадата, која се одржува на 79-тиот роденден на Трамп, се планирани низ целата земја, едни од најголемите демонстрации против Трамп откако се врати на власт во јануари.
Во Лос Анџелес, протестите започнаа минатиот петок како одговор на серијата имиграциски рации. Трамп ја повика Националната гарда во саботата, а нареди распоредување на маринците во понеделник. „Лос Анџелес беше безбеден во последните две ноќи. Нашата одлична Национална гарда, со мала помош од маринците, ѝ овозможи на полициската управа на Лос Анџелес ефикасно да ја заврши својата работа“, објави Трамп денес на социјалните мрежи.
Државните и градските власти тврдат дека Трамп ја преувеличува ситуацијата и дека локалната полиција има контрола врз настаните. Протестите беа претежно мирни, но имаше повремено насилство, главно ограничено на неколку блока.
Полицијата извести дека демонстрантите на една локација вчера вечерта палеле огномет и фрлале камења кон полицајците, додека друга група од речиси 1.000 демонстранти мирно марширале низ центарот на градот кога полицијата одеднаш употребила помалку смртоносни средства пред градското собрание.
Шефот на полицијата на Лос Анџелес, Џим Мекдонел, за Си-ен-ен изјави дека градот е смирен и дека полицијата го штити правото на граѓаните да протестираат, а воедно ги изведува одговорните за насилството пред лицето на правдата.
Трамп го исполнува ветувањето од кампањата за депортирање на имигранти, користејќи сурови тактики кои се во согласност со неговиот неконвенционален политички стил. Администрацијата објави слики од Националната гарда како ги штити имиграциските агенти за време на рациите.
Тужбата на Калифорнија на крајот бара пресуда со која Националната гарда ќе се врати под државна контрола и ќе се прогласи акцијата на Трамп за нелегална. Но, денешното сослушување веројатно ќе се фокусира на потесното барање за привремена забрана што сериозно би го ограничила движењето надвор од близината на федералните згради или учеството во какви било полициски активности, освен заштитата на федералните згради и службеници.
Администрацијата на Трамп во судскиот документ тврди дека судијата не треба да ги ограничува активностите на војската во Лос Анџелес, велејќи дека ниту Националната гарда ниту маринците не се вклучени во спроведувањето на законот, туку ги штитат службениците и имотот, што е во согласност со долгогодишната пракса и вродениот авторитет за заштита на федералните интереси.
Американскиот закон генерално забранува учество на федералните сили во цивилното спроведување на законот. Исклучоци дозволуваат заштита на федералните агенти и имотот, но само во случај на странска инвазија, бунт или ситуација што го оневозможува спроведувањето на федералните закони во државата, при што претседателот мора да добие согласност од гувернерот пред да ја повика Националната гарда, што Калифорнија го оспорува во тужбата.
Седумсто маринци од базата Твентинајн палмс добиле специјализирана обука за деескалација и контрола на толпа и ќе работат според федерален закон кој им овозможува привремено да ги притвораат луѓето кои се мешаат во работата на федералните агенти, но не и да спроведуваат цивилен закон.
Ова е прв пат од 1960-тите години претседател да ја испрати Националната гарда во американски град без согласност на гувернерот, што предизвика загриженост за демократските институции и ја подели нацијата.