Рамката за прекин на конфликтот ја составил Пакистан и во текот на ноќта ја проследил до Иран и САД, навел изворот на Ројтерс, опишувајќи двостепен пристап – итен прекин на огнот, по што би следел сеопфатен договор, пишува овој медиум.
Изворот за Ројтерс рекол дека „сите елементи мора да бидат договорени денес“, додавајќи дека почетниот договор би бил структуриран како меморандум за разбирање, финализиран електронски преку Пакистан, кој е единствениот канал за комуникација во преговорите.
Порталот Аксиос прв во неделата извести дека Соединетите Држави, Иран и регионалните посредници разговараат за можен 45-дневен прекин на огнот како дел од двостепен договор што би можел да доведе до трајно завршување на војната, повикувајќи се на американски, израелски и регионални извори.
Изворот изјавил за Ројтерс дека началникот на пакистанската војска, фелдмаршалот Асим Мунир, бил „во контакт цела ноќ“ со потпретседателот на САД Џеј-Ди Венс, специјалниот пратеник Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи.
Според предлогот, како што пишува Ројтерс, прекинот на огнот веднаш би стапил во сила, со што повторно би се отворил Ормускиот теснец, а рок од 15 до 20 дена би бил даден за финализирање на поширок договор. Договорот, привремено наречен „Исламабадски договор“, би вклучувал регионална рамка за теснецот, со завршни разговори во живо во Исламабад, како што се наведува.
Немало непосреден одговор од американските и иранските претставници, се наведува, додека портпаролот на пакистанското министерство за надворешни работи Тахир Андраби одбил да коментира.
Иранските претставници претходно рекле за Ројтерс дека Техеран бара траен прекин на огнот со гаранции дека повеќе нема да биде нападнат од САД и од Израел. Навеле и дека Иран примил пораки од посредници, вклучувајќи ги Пакистан, Турција и Египет.
Се очекува конечниот договор да вклучува обврска Иран да не развива нуклеарно оружје, пренесува Ројтерс, во замена за ублажување на санкциите и ослободување на замрзнатиот имот, изјавил извор.
Два пакистански извори изјавиле за Ројтерс дека Иран сè уште не се согласил, и покрај засилените контакти на цивилно и воено ниво.
„Иран сè уште не одговорил“, рекол еден извор, додавајќи дека предлозите поддржани од Пакистан, Кина и Соединетите Држави за привремен прекин на огнот засега не добиле потврда.
Немало ниту непосреден одговор од кинеските претставници за Ројтерс на барањата за коментар.
Најновите дипломатски напори, како што наведува овој медиум, доаѓаат во момент на ескалација на конфликтот, што предизвикало загриженост поради можен прекин на поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, клучна рута за глобалните испораки на нафта.
Претседателот на САД Доналд Трамп во последните денови јавно инсистира на брзо завршување на конфликтот, предупредувајќи на последици доколку прекинот на огнот не се постигне во краток рок.
Конфликтот ја зголеми нестабилноста на енергетските пазари, додека трговците внимателно го следат секој развој на настаните што би можел да влијае врз протокот на нафта низ теснецот.






