петок, 6 март 2026

Ројтерс: Хезболах со месеци се подготвувал за нова војна со Израел

Либанската оружена група Хезболах со месеци го обновувала го својот арсенал од ракети и дронови, користејќи ја поддршката од Иран и сопствените фабрики за оружје за да се подготви за нова војна со Израел, откриле шест извори запознаени со подготовките на групата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Исцрпен, но не поразен по разорниот конфликт со Израел во 2024 година, Хезболах заклучил дека нова рунда борби е неизбежна и дека овој пат може да се соочи со закана за сопствениот опстанок, според изворите. Деталите за неодамнешните напори за вооружување на Хезболах досега не се објавени.

Јусеф ал Зеин, раководител на канцеларијата за медиуми на Хезболах, вели дека групата нема да коментира за своите воени операции, но вели дека се решени да „се борат до последниот здив“.

Хезболах, кој беше формиран во 1982 година од страна на Иранската револуционерна гарда, лансираше ракети и беспилотни летала кон Израел во понеделникот за да ја одмазди смртта на врховниот лидер на Иран Али Хамнеи, вовлекувајќи го Либан во војната што беснее низ Блискиот Исток.

Иако таа одлука изненади и некои од нивните функционери, Хезболах ги подготвувал своите воени резерви и командната структура за можен нов конфликт со Израел, потврдиле шесте извори на Ројтерс.

За ова, тој користел месечен буџет од 50 милиони долари, претежно од Иран, наменет за плати на борците, тврди либански извор запознаен со финансиите и воените активности на групата, а износот го потврдил и странски функционер. Не е познато колку долго групата зависела од тој месечен буџет или како се споредува со претходното финансирање.

Групата соопшти дека средствата од Иран помогнале и во финансирањето на кириите за луѓето раселени од војната во 2024 година. Околу 60.000 Либанци, претежно од шиитската муслиманска заедница која ја формира базата за поддршка на Хезболах, остануваат раселени, а нивните домови се во урнатини.

Хезболах работи и на складирање беспилотни летала и ракети преку локално производство, изјавиле либански извор, странски функционери и израелски воен функционер. Израелски функционер вели дека Хезболах користел иранско финансирање и за шверцување и за изградба на сопствено оружје, но додава дека неговите производствени капацитети се намалени.

Друг странски функционер изјавил дека групата распоредила нови ракети и логистички материјали од иранско производство во јужен Либан пред почетокот на најновата војна.

Службата за медиуми на Хезболах не одговорила на прашањата за вооружувањето и иранската поддршка. Портпаролот на израелската војска, потполковникот Надав Шошани, кажа дека на Хезболах „му останало многу оружје “ и се обидува повторно да се вооружи. „Тие се обидуваа да шверцуваат, а ние во тоа ги спречувавме“, вели Шошани.

Двомесечната исцрпувачка војна со Израел заврши во 2024 година со прекин на огнот посредуван од САД. Хезболах ги запре нападите врз Израел, кој ги продолжи нападите врз она што го тврдеше дека се напори на Хезболах за обнова на своите воени капацитети.

Израел имаше војници на пет ридски позиции во јужен Либан. Минатата година Либан почна да го конфискува оружјето на Хезболах на југот од земјата, но Израел тврдеше дека групата се вооружува побрзо отколку што се разоружува.

Зборувајќи за медиумите неколку недели пред Хезболах да влезе во регионалната војна, висок либански извор потврди дека групата ги обновува своите воени капацитети „паралелно“ со израелската кампања за нивно уништување.

Ритамот на нападите оваа недела сугерира за големината на залихите на оружје. Групата лансираше 60 беспилотни летала и ракети на 2 март, првиот ден од нападот врз Израел, и сличен број следниот ден, вели друг странски функционер кој внимателно ги следи активностите на Хезболах.

Сепак, на 4 март, Хезболах лансираше повеќе од двојно поголем број ракети, знак дека може да црпи од своите поголеми залихи, вели функционерот. Израелската аналитичка група АЛМА, кој ја следи безбедноста на северната граница на Израел, проценува дека арсеналот на Хезболах пред нападот вклучувал приближно 25.000 ракети и проектили, претежно со краток и среден дострел.

Видео објавено од Хезболах на 4 март покажува борец како поставува беспилотно летало во пошумена област. Ријад Кахваџи, аналитичар за одбрана со седиште во Дубаи и основач на Институтот за воена анализа на Блискиот Исток и Заливот, го идентификува дронот како шахед-101, за кој вели дека може да се произведува локално.

Хезболах испратил и борци од своите елитни сили Радван назад во јужен Либан, каде што беа повлечени по конфликтот во 2024 година. Израелските напади по прекинот на огнот во 2024 година вклучуваа таргетирање на она што Израел го тврдеше дека се кампови за обука на Хезболах.

Кон крајот на февруари израелската војска објави дека погодила осум воени комплекси кои ги користеле силите Радван за складирање оружје и подготовка за конфликтот. Поради ова, Хезболах се бореше со регрутирањето нови оперативци, велат израелскиот и првиот странски функционер.

Групата изгуби 5.000 борци во војната во 2024 година, што беше невиден удар за нејзините сили, иако друг либански извор проценува дека сè уште има околу 95.000 борци. Пред да влезе во сегашната регионална војна, Хезболах бил уверен дека Израел ќе почне голем удар против групата за да „ја оневозможи нејзината способност за одмазда“, вели првиот либански извор.

Трет странски функционер запознаен со размислувањето на Хезболах рече дека таа проценка ја поттикнала одлуката на групата да ја лансира првата салва, плашејќи се дека Израел на крајот ќе го префрли својот фокус од Иран кон Хезболах. „Тие знаеја дека се следни на ред“, вели изворот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ