среда, 17 декември 2025

Ројтерс: ЕУ се обидува на Русија да ѝ ја испорача сметката за војната

Европа во вторникот основа Меѓународна комисија за побарувања за Украина, со цел Киев да биде обесштетен за штетата во вредност од стотици милијарди долари настаната како последица на руските напади и наводните воени злосторства, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Собирот во Хаг, на кој присуствуваа десетици лидери, меѓу кои и украинскиот претседател Володимир Зеленски, се совпадна со дипломатската иницијатива на Соединетите Американски Држави за завршување на војната во Украина.

„Секое руско воено злосторство мора да има последици за оние што го извршиле“, изјави Зеленски, пред 34 европски лидери во вторникот во Хаг да ја потпишат конвенцијата со која формално се основа комисијата.

„Токму тука започнува вистинскиот пат кон мирот“, додаде тој. „Не е доволно Русија да се натера на договор. Не е доволно да се запре убивањето. Мора да ја натераме Русија да прифати дека во светот постојат правила.“

Основањето на комисијата за побарувања не значи дека Украинците можат да очекуваат брза исплата на воена отштета за претрпената штета, нагласува Ројтерс.

Деталите за тоа како би се исплаќале евентуалните отштети што ќе ги додели комисијата, со седиште во Холандија, допрва треба да се разработат. Во првичните разговори се споменуваше користење на рускиот имот замрзнат од Европската Унија, со дополнителни придонеси од земјите членки.

„Целта е да се утврдат валидни барања што на крајот ќе ги плати Русија. Тоа навистина мора да го плати Русија; оваа комисија не нуди никаква гаранција за надомест на штета“, изјави холандскиот министер за надворешни работи Давид ван Вил.

Регистарот на штета, кој беше воспоставен пред две години и кој ќе стане дел од комисијата за побарувања, веќе има примено повеќе од 86.000 барања поднесени од поединци, организации и јавни тела во Украина, во широк спектар категории.

Руските официјални лица не беа веднаш достапни за коментар во врска со комисијата. Кремљ ги негира обвинувањата за воени злосторства што наводно ги извршиле руските сили во Украина. Москва го оцени како незаконски предлогот на Европската Унија замрзнатиот руски имот да се искористи за финансирање на одбраната на Украина и буџетските потреби и се закани со одмазда.

Плановите за обесштетување на жртвите на злоупотреби во Украина — од сексуално насилство и депортација на деца до уништување на верски објекти — би можеле дополнително да се искомплицираат со вклучување амнестија за воени злосторства во евентуален мировен договор, каква што претходно предложи администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Повеќе од 50 држави и Европската Унија ја изработија конвенцијата на Советот на Европа за основање на комисијата, која би стапила во сила по ратификацијата од најмалку 25 потписнички, под услов да бидат обезбедени доволни средства за финансирање на нејзината работа.

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика Каја Калас изјави, како што пренесува Асошиејтед прес, дека Унијата ќе издвои еден милион евра за финансирање на работата на комисијата. Се проценува дека вкупно се потребни околу 3,5 милиони евра.

Многу од истите земји го поддржаа и основањето нов меѓународен суд, исто така под покровителство на Советот на Европа, кој би ги гонел високите руски функционери за инвазијата врз Украина.

Комисијата, вториот дел од меѓународниот механизам за надомест на Украина, ќе ги разгледува, проценува и одлучува по барањата упатени до Регистарот на штета за Украина, кој Советот на Европа го основа во 2023 година, а висината на надоместот ќе се утврдува од случај до случај.

Барањата може да се поднесуваат за штета, загуби или повреди предизвикани од руските дејствија извршени во Украина или против Украина, од почетокот на инвазијата на 24 февруари 2022 година. Како што се наведува во нацрт-предлогот, барањата, кои опфаќаат прекршувања на меѓународното право, можат да ги поднесат погодени поединци, компании или украинската држава.

Светската банка процени дека трошоците за обнова во наредната деценија ќе изнесуваат 447 милијарди евра, односно речиси трипати повеќе од вкупното економско производство на Украина во 2024 година.

Сепак, таа проценка го опфаќа периодот само до декември 2024 година и не ја вклучува штетата настаната оваа година, кога руските напади со дронови и ракети ескалираа во кампања насочена кон комуналните системи, сообраќајот и цивилната инфраструктура.

Зеленски вчера изјави дека предлозите за мировен договор, за кои се преговара со американските претставници, би можеле да бидат финализирани во наредните денови, по што американските пратеници би му ги претставиле на Кремљ, пред можните дополнителни состаноци во САД следниот викенд.

Нацрт-мировниот план за кој во понеделникот се разговарало со Американците во Берлин „не е совршен“, но е „многу применлив“, изјави Зеленски пред новинарите неколку часа по разговорите. Сепак, тој предупреди дека некои клучни прашања — пред сè што ќе се случи со украинската територија окупирана од руските сили — остануваат нерешени.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера повтори дека Русија сака сеопфатен мировен договор, а не привремено примирје. „Ако Украина бара ‘моментални, неодржливи решенија, малку е веројатно дека ќе бидеме подготвени да учествуваме’“, рече тој. „Сакаме мир — не сакаме примирје што би ѝ дало здив на Украина и би ѝ овозможило да се подготви за продолжување на војната“, изјави тој пред новинарите. „Сакаме да ја запреме оваа војна, да ги оствариме нашите цели, да ги заштитиме нашите интереси и да гарантираме мир во Европа во иднина.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ