сабота, 6 декември 2025

Ројтерс: Американскиот мировен план за Украина е заснован на руски документ

Американскиот мировен план од 28 точки за ставање крај на војната во Украина, кој излезе во јавноста минатата недела, бил подготвен врз основа на документ напишан од Русија и доставен до администрацијата на Трамп во октомври, според три извори запознаени со случајот, објави Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Документот, кој ги наведувал условите на Москва за завршување на војната, Русите го споделиле со високи американски претставници во средината на октомври, по состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон, велат изворите.

Документот, неофицијална комуникација позната во дипломатскиот јазик како „нон-пејпер“, содржел формулации што руската влада претходно ги изнесувала на преговарачката маса, вклучително и отстапки што Украина ги имала одбиено, како што е предавањето значителен дел од нејзината источна територија.

Ова е првата потврда дека документот – чие постоење првично го објави Ројтерс во октомври – бил клучен вовед во мировниот план од 28 точки.

Американскиот Стејт департмент, како и руската и украинската амбасада во Вашингтон, не одговориле на барањето коментар.

Белата куќа не го коментирала директно нон-пејперот, но ги цитирала коментарите на Трамп дека е оптимист во врска со напредокот на планот од 28 точки.

„Со надеж за финализирање на овој мировен план, му наложив на мојот специјален претставник Стив Виткоф да се сретне со претседателот Путин во Москва, а во исто време, министерот за армијата Ден Дрискол ќе се сретне со Украинците“, напиша Трамп.

Не е јасно зошто и како администрацијата на Трамп обликувањето на сопствениот мировен план го засновала на рускиот документ. Некои високи американски функционери што го разгледале, вклучувајќи го и државниот секретар Марко Рубио, веруваат дека барањата на Москва веројатно ќе бидат целосно отфрлени од Украинците, велат изворите.

Скептицизам поради руското влијание

По поднесувањето на документот, Рубио се слушнал со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кога дискутирале за документот, велат изворите.

Зборувајќи со новинарите во Женева оваа недела, Рубио призна дека примил „голем број писмени нон-пејпери и слични работи“, без да елаборира.

Откако мировниот план минатата недела првпат беше објавен од Аксиос, се зголеми скептицизмот меѓу американските функционери и пратеници, од кои многумина го гледаат планот како список на руски позиции, а не како сериозен предлог.

Сепак, САД извршија притисок врз Украина, предупредувајќи дека би можеле да ја ограничат својата воена помош ако Украина не потпише.

Планот барем делумно бил составен за време на состанокот меѓу зетот на Трамп, Џаред Кушнер, специјалниот пратеник Стив Виткоф и Кирил Дмитриев, раководителот на еден од руските суверени фондови за богатство, во Мајами минатиот месец. Малкумина во Стејт департментот и Белата куќа биле информирани за таа средба, рекле за Ројтерс два извори запознаени со ова прашање.

Во вторникот Блумберг објави дека Виткоф му понудил совет на високиот помошник на Кремљ, Јуриј Ушаков, во врска со тоа како Путин треба да разговара со Трамп. Според записите од телефонските разговори, кои новинската агенција ги добила, Ушаков и Виткоф уште на 14 октомври алудирале на можен „план од 20 точки“. Опсегот на тој план очигледно се проширил за време на последователните разговори со Дмитриев.

Планот бил ревидиран по светските реакции

Предлогот на САД, кој ги изненади функционерите во Вашингтон и Европа, предизвика бран дипломатски превирања на три континенти. Оригиналниот план драматично се промени оттогаш: девет од оригиналните 28 точки се отстранети по разговорите меѓу високи американски и украински функционери, според Еј-би-си њуз.

Двопартиска група американски сенатори рекоа во саботата дека Рубио им кажал дека планот од 28 точки не е американски план, туку руска листа на желби, иако Белата куќа и Стејт департментот енергично негираа дека Рубио го окарактеризирал како таков.

Во дискусиите што следуваа, висока американска делегација, во која беше и Рубио, се согласи да отстрани или да измени некои од најпроруските делови од планот за време на состаноците во Женева со европски и украински функционери.

Дрискол моментално се среќава со руска делегација во Абу Даби. Украинска делегација е исто така во ОАЕ на разговори со американскиот тим, според американски функционер.

Во вторникот, украинските претставници изјавија дека ја поддржуваат изменетата рамка за мировен договор што произлезе од последните разговори, но нагласија дека најчувствителните прашања – територијалните отстапки се особено спорни – треба да се решат на потенцијална средба меѓу Зеленски и Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ