петок, 19 декември 2025

Резултатите на американските матуранти по математика и читање се на историско ниско ниво

Резултатите по математика и читање на матурантите во Соединетите Американски Држави го продолжија повеќегодишниот пад и паднаа на рекордно ниски нивоа на националните тестови, покажуваат новите податоци објавени денес. Резултатскиот пад почнал дури и пред избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, која го наруши образованието, и продолжува до ден-денес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Постоеше надеж дека до 2024 година, кога беа спроведени последните тестови на американските ученици, ќе има знаци на закрепнување. Наместо тоа, резултатите се најновата потврда за широко распространетите предизвици со кои се соочуваат американските училишта и ученици, пишува Вашингтон пост.

Стабилни резултати кај најдобрите ученици

Просечните резултати паднаа на најниските нивоа откако беа спроведени сегашните верзии на тие тестови, и по математика и по читање, а истото се случи и со резултатите на учениците со најниски постигнувања. Само учениците на самиот врв покажаа стабилни резултати.

Рекордно високи 45 отсто од матурантите во средно училиште постигнаа резултат „под основното ниво“ по математика. Оние на основно ниво, на пример, треба да бидат способни да „применат статистичко расудување во организирањето и презентирањето на податоци и во читањето табели и графикони“. Ова значи дека речиси половина од средношколците завршиле средно образование без овие и други вештини.

Речиси 30 отсто од средношколците биле под основното ниво на читање, што е исто така рекорд. Најмалку успешните ученици забележале просечен резултат од 224, што е за 25 поени помалку од резултатите постигнати од нивните врсници во 1992 година.

„Резултатите се на историски ниски нивоа, а опаѓањата што започнаа пред повеќе од една деценија продолжуваат. Мојот претходник предупреди за овој тренд, а и неговиот претходник предупреди за тоа, а сега и јас предупредувам за овој тренд“, кажа Метју Солднер, вршител на должноста директор на Одделот за образовни науки, истражувања и податоци на министерството за образование.

Податоците се репрезентативни за целата земја

Тој кажа дека овие резултати значат дека само околу 30 отсто од средношколците се способни да постигнат успех на колеџ ниво по математика и читање. Тестовите биле спроведени од јануари до март 2024 година во јавни и приватни училишта и се репрезентативни за нацијата како целина.

Триесет и пет отсто од средношколците постигнале „напреден/успешен“ резултат во читањето, а 22 отсто биле на ниво „успешен“ по математика – стандарди кои често се потешки за достигнување од оние на државните тестови, но претставуваат она што истражувачите веруваат дека учениците треба да го знаат до моментот кога ќе завршат средно училиште.

Федералните службеници не се обиделе да ги објаснат причините за овие резултати или трендовите. Солднер, на пример, кажа дека не е сигурен дали резултатите на средношколците се намалиле во споредба со историските нивоа бидејќи помалку ученици се откажуваат од училиште, што би значело дека има повеќе ученици со ниски постигнувања во тестираната група.

Сепак, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп честопати ги посочува таквите податоци од тестовите како доказ дека образовниот систем не успева и ги нуди како доказ дека министерството за образование треба да се укине. Извршната наредба од март со која се бара затворање на министерството конкретно се осврна на податоците од овие тестови.

Поголема контрола за државите

Во соопштението од вторникот, министерката за образование Линда Мекмахон кажа дека резултатите „го потврдуваат катастрофалниот тренд“ што се случил „и покрај тоа што милијарди се трошат годишно за бројни програми од градинка до 12-то одделение“: „Затоа претседателот Трамп и јас сме посветени на враќање на контролата врз образованието на државите за да можат да се реформираат и да одговорат на уникатните потреби на секое училиште и секој ученик“.

Администрацијата на Трамп предложи да им се даде на државите поголема контрола врз тоа како трошат дел од федералните средства, иако исто така побара од Конгресот да ги намали вкупните трошоци за тие програми. Службениците не дадоа детали за тоа како промената или укинувањето на министерството за образование би ги подобрило резултатите од тестовите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ