четврток, 29 јануари 2026

Резолуција на Советот на Европа: Политичката криза во БиХ надмината со поништување на спорните закони на РС

Парламентарното собрание на Советот на Европа (СЕ) усвои Резолуција за Босна и Херцеговина (БиХ) во која се констатира дека политичката криза во БиХ е надмината откако властите на Република Српска (РС) ги ставија вон сила спорните закони што Уставниот суд на БиХ ги прогласи за неуставни и антидејтонски.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во придружниот извештај се укажува на неопходните реформи, со акцент на измените на Уставот и Изборниот закон на БиХ.

Резолуцијата, која беше поддржана од сите пратенички групи, беше усвоена во вторникот вечер по расправата. Против гласаше само Дуња Симоновиќ Братиќ од Србија, пренесоа медиумите од БиХ.

Во извештајот со наслов „Функционирање на демократските институции во БиХ“, на известувачите на Комитетот за надзор Золт Немет од Унгарија и Пабло Испан од Шпанија, поранешниот претседател на РС Милорад Додик е обвинет за предизвикување на политичката криза во БиХ.

Парламентарното собрание на Советот на Европа ја повтори својата целосна поддршка за БиХ и за сите нејзини граѓани, повикувајќи ги сите земји членки на Советот на Европа да го почитуваат уставниот и правниот поредок, суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ.

Изразена е загриженост поради неодамнешните настани во БиХ: напади врз државата, владеењето на правото и институциите воспоставени по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор.

Укажувајќи на правосилната пресуда на Судот на БиХ со која Милорад Додик беше осуден на една година затвор и шест години забрана за вршење јавна функција, како и на одлуката на Државната изборна комисија да му го одземе претседателскиот мандат, наведено е дека последица на тоа било одржувањето предвремени претседателски избори за претседател на РС на 23 ноември минатата година.

Во Резолуцијата е оценето дека, според соопштението на набљудувачката мисија на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа, предвремените претседателски избори биле „генерално добро организирани, и покрај некои неправилности“, особено во однос на тајноста на гласањето.

Наведено е дека постепено се спроведува законската рамка, изменета во март 2024 година, со цел унапредување на интегритетот и транспарентноста на изборниот процес.

Парламентарното собрание на Советот на Европа го поздрави тоа што овие реформи треба да ги усогласат изборните прописи во БиХ со европските стандарди и, особено, со препораките на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на Организацијата за европска безбедност и соработка, Групата држави против корупција и Европската комисија за демократија преку право.

Изразено е задоволство што властите на РС ги поништија ентитетските закони усвоени од 2023 до 2025 година, кои Уставниот суд на БиХ претходно ги прогласи за неуставни.

Станува збор за Изборниот закон на РС, законот за недвижен имот што се користи за функционирање на јавните органи, измените на Кривичниот закон на РС, законот за воспоставување ентитетски Висок судски и обвинителски совет, како и законите за неприменување на одлуките на Уставниот суд на БиХ на територијата на овој ентитет и за забрана на дејствувањето на државниот суд и обвинителство на БиХ, како и на Агенцијата за истраги и заштита на БиХ на просторот на РС.

Во Резолуцијата се укажува и на потребата од уставни реформи во БиХ за спроведување на пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот „Сејдиќ и Финци“, со што на граѓаните на БиХ што не припаѓаат на трите конститутивни народи (Бошњаци, Срби и Хрвати) би им се овозможило кандидирање за членови на Претседателството на БиХ.

Во тој контекст е поздравено формирањето работна група за подготовка на амандмани на Уставот на БиХ и нацрт-закон за измени и дополнувања на Изборниот закон на БиХ.

Советот на Европа ги повикува политичките партии во БиХ да постигнат договор за тие амандмани со цел уставната и законодавната рамка да се усогласи со барањата на Европската конвенција за човекови права.

Партиите се повикуваат и да донесат пакет реформи со кои би се унапредила функционалноста на државните институции и да најдат одржливо решение за прашањето на државниот имот, со оценка дека тие реформи би можеле да претставуваат напредок кон исполнување на целите и условите потребни за затворање на Канцеларијата на високиот претставник во БиХ.

Парламентарното собрание на Советот на Европа го повика Претседателството на БиХ да ја заврши постапката за избор на судија на Европскиот суд за човекови права во име на БиХ и без одлагање да поднесе листа од три квалификувани кандидати.

Известувачите во извештајот укажаа и на потребата од институционални промени во БиХ.

„Со оглед на недостигот од доверба, сметаме дека радикалната трансформација на институциите на БиХ останува долгорочна цел. Предусловите за целосна реформа на Уставот денес не постојат во реалноста на БиХ. Сепак, институционалната рамка повеќе не може да остане непроменета, бидејќи постојната состојба не придонесува за подобрување на ситуацијата“, се наведува во извештајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ