четврток, 10 јули 2025

Република Српска го повлекува спорниот закон за заштита на уставниот поредок

Ден пред седницата на Народното собрание на Република Српска (НСРС), владејачкото мнозинство во Република Српска го повлече од собраниската постапка контроверзниот Закон за заштита на уставниот поредок на РС.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Како претставник на предлагачот, ја информирам јавноста дека го повлекуваме Законот за заштита на уставниот поредок од постапката. Очекувавме поддршка од опозицијата бидејќи тие побараа и гонење на некои кривични дела, но бидејќи не ја разбраа суштината, ги покануваме заедно да напишат и предложат нов закон“, напиша Срѓан Мазалица, член на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на социјалната мрежа Икс.

Предложениот закон предвидуваше формирање на Специјално обвинителство и Специјален суд на РС за заштита на уставниот поредок на Република Српска и други државни органи во овој ентитет на Босна и Херцеговина.

Специјалното обвинителство и Специјалниот суд би биле одговорни за бројни кривични дела, вклучувајќи напад врз уставниот поредок на РС, загрозување на територијалниот интегритет, саботажа и шпионажа.

Според овој закон, требаше да се формира Служба за заштита на уставниот поредок на РС, која би ги извршувала задачите на „собирање податоци и спречување на активности насочени кон поткопување или уништување на уставниот поредок и безбедноста на РС, истражување, собирање, обработка и анализа на разузнавачки податоци и сознанија од значење за безбедноста на РС“.

Директорот на оваа служба би го назначувал претседателот на РС, со мандат од пет години.

Според овој закон, би се назначил главен специјален обвинител, кој би го назначувало Народното собрание на РС, а тој би имал овластување да „донесе одлука за преземање на предметот од надлежното окружно обвинителство во кое било време до поднесување на обвинението“.

Денес, опозициските партии остро го осудија поднесувањето на предлогот на овој закон во собраниска постапка, оценувајќи дека усвојувањето на овој закон би вовело „скратен суд“ во РС, како во „духот на сибирските логори и Голи Оток“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ