Во годишниот извештај, париската организација за слобода на медиумите наведува дека вкупниот број на убиените новинари годинава достигнал 67 во светски рамки, еден повеќе од 66-те во 2024 година.
Израелските сили се одговорни за 43 проценти од вкупниот број, што ги прави „најголемиот непријател на новинарите“, наведува РБГ во извештајот што ги документира смртните случаи во периодот од 12 месеци од декември 2024 година.
Најсмртоносниот поединечен напад бил таканаречениот „двоен“ удар врз болница во јужна Газа на 25 август, во кој биле убиени пет новинари, меѓу кои и двајца соработници на меѓународните агенции Ројтерс и Асошиејтед прес.
Вкупно, од почетокот на непријателствата во Газа во октомври 2023 година, загинале речиси 220 новинари, што го прави Израел најголемиот убиец на новинари во светот три години по ред, покажуваат податоците на РБГ.
Странските новинари сè уште не можат да патуваат во Газа, освен ако не се дел од строго контролирани тури организирани од израелската војска, и покрај повиците на медиумски групи и организации за слобода на медиумите за слободен пристап.
Организацијата наведува дека 2025 година била најсмртоносната во Мексико во последните најмалку три години, каде што биле убиени девет новинари, и покрај ветувањата на левичарската претседателка Клаудија Шејнбаум дека ќе ги заштити.
Со тројца убиени новинари во Украина и четири во Судан, овие земји се меѓу најопасните места во светот за новинарите, според РБГ.
Вкупниот број на загинатите новинари лани и натаму е значително понизок од 142 — највисокиот број забележан во 2012 година, кога убиствата главно беа поврзани со сириската граѓанска војна — и е под просекот од околу 80 годишно од 2003 година.
Годишниот извештај на РБГ го бележи и бројот на затворените новинари низ светот поради нивната работа. Кина (121), Русија (48) и Мјанмар (47) се најрепресивните земји, покажуваат податоците.
Заклучно со 1 декември годинава, во притвор во 47 земји низ светот се наоѓаат 503 новинари, предупредува извештајот.






