„Интернет заедниците со карактеристики слични на култ“ користат дигитални платформи за ширење и нормализирање на слики од екстремна суровост, изнудување жртви и поттикнување млади луѓе на насилство, објави Европската полициска организација при презентирањето на извештајот за трендовите во тероризмот во Хаг.
Многу од овие насилни групи се поврзани со џихадистички тероризам и крајно десничарски екстремистички групи, според Европол.
Групите особено се фокусираат на ранливи млади луѓе, обично на возраст меѓу 8 и 17 години, соопшти европската агенција.
„Цел на терористичките групи се ранливи поединци, особено оние со потешкотии во менталното здравје, социјална изолација или дигитална зависност“, изјави шефицата на Европол, Кетрин Де Боле.
Комесарот на Европската комисија за внатрешни работи, Магнус Брунер, повика на претпазливост.
„Мораме да бидеме особено внимателни кога станува збор за радикализацијата на младите луѓе и терористичката и екстремистичката експлоатација на интернет платформите“, рече тој.
Според Европол, геополитичките тензии исто така придонесуваат за радикализација. Во овој контекст, агенцијата ги споменува конфликтот во Газа, војната на Русија во Украина и нестабилната ситуација во Сирија.
Друг загрижувачки развој е употребата на нови технологии за радикализација и регрутирање на потенцијални сторители, соопшти Европол.
Вештачката интелигенција наводно се користи во невидени размери за производство и ширење пропаганда и омраза.
Вкупно 58 терористички напади се регистрирани во 2024 година од страна на 14-те членки на Европската Унија, според Европол, од кои 34 биле извршени додека другите не успеале или биле спречени, 449 осомничени биле уапсени.