понеделник, 6 април 2026

Реакции во САД на Трамповата простачка закана: „Опасна и растроена личност, запрете ја војната“

Повеќе американски политичари изразија загриженост и ја доведоа во прашање менталната состојба на претседателот Доналд Трамп откако упати простачка закана до Иран.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп му порача на Техеран „Отворете го проклетиот теснец, гадови луди“, заканувајќи се со натамошни напади врз енергетската и сообраќајната инфраструктура на земјата. Неговата објава предизвика остри реакции од двете страни на политичкиот спектар, пишува Гардијан.

Американскиот претседател на својата платформа Трут соушл напиша: „Во вторник во Иран е Ден на електраните и Ден на мостовите, сè во едно. Такво нешто сè уште не е видено!!! Отворете го тој проклет теснец, гадови луди, или ќе живеете во пекол – САМО ГЛЕДАЈТЕ! Слава му на Алах. Претседателот ДОНАЛД Џ. ТРАМП.“

Оваа порака доаѓа во момент кога администрацијата на Трамп се приближува до уште еден самонаметнат рок, кој истекува во вторник навечер, Иран повторно да го отвори Ормускиот теснец. Еден од најважните светски поморски патишта за нафта и гас е затворен откако САД и Израел кон крајот на февруари почнаа војна против Иран, што предизвика скок на цените на нафтата на рекордни нивоа низ целиот свет.

Трамп му постави на Техеран неколку рока за повторно отворање на клучниот поморски коридор, а своите фрустрации ги насочи и кон европските и НАТО сојузници, кои ја оспорија законитоста на американско-израелската војна против Иран и одбија да интервенираат. Тоа го поттикна Трамп да се закани со повлекување на САД од НАТО.

Мехди Табатабаи, заменик за комуникации во кабинетот на иранскиот претседател, во неделата изјави дека Иран ќе го отвори теснецот дури откако ќе добие отштета за воената штета преку „нов правен режим“ заснован на транзитни такси. Додаде дека Трамп, заканувајќи се со напад врз иранската цивилна инфраструктура, „прибегнал кон простотилак и бесмислици од чист очај и бес“.

Марџори Тејлор Грин, некогашна верна сојузничка, која стана критичарка на Трамп, изјави дека сите христијани во администрацијата на Трамп треба „да го молат Бога за прошка“ и да интервенираат поради претседателовото „лудило“.

Во долга објава на платформата Икс, поранешната републиканска претставничка напиша: „Ве познавам сите вас и него, тој полуде, а вие сите сте соучесници. Не го бранам Иран, но да бидеме искрени за сето ова.“

„Теснецот е затворен затоа што САД и Израел почнаа со ништо непредизвикана војна против Иран, која се темели на истите нуклеарни лаги што ги повторуваат со децении, дека Иран секој момент ќе развие нуклеарно оружје“, продолжи таа.

„Знаете кој има нуклеарно оружје? Израел. Тие се и повеќе од способни да се бранат без САД да ги води нивните војни, да убива невини луѓе и деца и да плаќа за тоа. Заканата на Трамп со бомбардирање електрани и мостови му штети на иранскиот народ, токму на оној народ за кој Трамп тврдеше дека го ослободува“, напиша Грин.

По многуте години лојалност, Грин минатата година се разиде со Трамп, критикувајќи ги неговите напади врз Иран како отстапување од предизборното ветување дека ќе ја стави „Америка на прво место“ и ќе ги избегне скапите странски војни.

„Ова НЕ е она што му го ветивме на американскиот народ кога масовно гласаше во 2024 година, знам, бев таму повеќе од повеќето“, напиша Грин во неделата. „Ова не ја прави Америка повторно голема, ова е зло.“

Лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер рече дека истапот на Трамп потсетува на „растроен лудак“. На Икс напиша: „Среќен Велигден, Америко. Додека одите во црква и славите со пријателите и семејството, претседателот на Соединетите Држави блада како растроен лудак на социјалните мрежи.“

„Се заканува со можни воени злосторства и ги оттурнува сојузниците. Тоа е тој, но тоа не сме ние. Нашата земја заслужува многу подобро“, додаде Шумер.

Независниот сенатор Берни Сандерс ја нарече објавата „опасна и ментално растроена“. „Еден месец од почетокот на војната во Иран, ова е изјава на претседателот на Соединетите Држави на Велигденска недела. Ова е бладање на опасна и ментално растроена личност. Конгресот мора да дејствува ВЕДНАШ. Запрете ја оваа војна“, порача преку Икс.

Сенаторот Крис Марфи исто така ја нарече објавата на Трамп целосно луда. „Да бев во кабинетот на Трамп, ќе го поминев Велигден повикувајќи уставни правници во врска со 25. амандман. Ова е целосно, апсолутно лудо. Веќе уби илјадници луѓе. Ќе убие уште илјадници“, напиша тој.

Повикувањето на 25. амандман би значело прогласување на претседателот за неспособен за извршување на должноста, што би му овозможило на потпретседателот да ја преземе функцијата, иако изгледите за тоа се чинат мали.

Демократскиот претставник Ро Кана рече дека Трамп, додека „пцуе и се заканува со воени злосторства“, истовремено „ги изневерува“ американските војници во Иран, кои и натаму се под напад, иако претседателот тврдеше дека ги уништил иранските воени капацитети. Во емисијата „Средба со медиумите“ на Ен-би-си изјави: „Мораме веднаш да ја прекинеме оваа војна. Ни треба итен прекин на огнот. Иран, Израел и Соединетите Држави мора да престанат со бомбардирањето и да постигнат решение преку преговори.“

Демократскиот сенатор Тим Кејн, член на Комитетот за вооружени сили, го повика Трамп „Ве молам, ублажете ја реториката“. Исто така за Ен-би-си, Кејн рече дека јазикот на Трамп е „срамен и детинест“ и дека го зголемува ризикот за американските војници.

Заканите на Трамп уследија по интензивна 48-часовна операција за спасување на двајца американски пилоти во Иран. Трамп претходно во неделата објави дека вториот спасен пилот е „тешко ранет“ и дека станува збор за „високо ценет полковник“.

Но и покрај тврдењата на Трамп дека спасувањето било триумф за САД, дводневната драма е остар потсетник дека, пет недели од почетокот на војната, Иран не е поразен и сè уште може да се бори и да им нанесува загуби на САД.

Џејк Окинклос, демократски претставник и ветеран на американските маринци, изјави за Фокс њуз сандеј: „Иран сфаќа дека, всушност, нивната контрола над теснецот е стратегиски уште поважна од развојот на нуклеарно оружје.“

„Стратегиски гледано, оваа војна беше неуспех“, додаде тој.

Заканата на Трамп на католичката Велигденска недела уследи по американскиот воен удар врз најголемиот мост во Иран минатиот четврток, во кој загинаа најмалку осум лица, а 95 беа повредени. Се чини дека мостот Б1 меѓу Техеран и Караџ бил погоден двапати, а Трамп сподели видеоснимка од последиците од нападот.

Во војната досега загинале повеќе од 3.500 луѓе низ регионот, вклучувајќи повеќе од 1.200 луѓе во Либан, кои настрадаа во израелското бомбардирање и делумната окупација. Раселени се повеќе од 4 милиони луѓе низ Иран и Либан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ