Одлуката со која се одбива барањето на Младиќ за привремено ослободување од притворската единица во Хаг ја потпишала претседателката на МИЦТ Грациела Гати Сантана.
Таа наведе дека е потребен „висок праг“ за давање привремено ослободување од сочувствителни причини за присуство на комеморација на член на семејството и дека таквото ослободување „во минатото не им било дадено на лица притворени во притворската единица на ОН по нивната правосилна пресуда“.
Сантана додаде дека при донесувањето на одлуката го зела предвид фактот дека Младиќ бил осуден на доживотен затвор за многу сериозни кривични дела, дека отслужил само мал дел од казната и дека, пред неговото апсење и екстрадиција во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во мај 2011 година, тој ја избегнувал правдата речиси 16 години.
Таа истакна и дека на Младиќ неколку пати му било одбиено ослободување за време на судењето и жалбената постапка поради загриженост дека нема да се врати во притвор на МКТЈ или Механизмот, и дека не ја докажал оправданоста за бараното ослободување.
Ратко Младиќ, воен командант на Армијата на Република Српска, беше осуден на доживотен затвор во 2017 година пред Хашкиот суд. Пресудата стана правосилна по второстепената одлука од 2021 година.
Младиќ беше прогласен за виновен за геноцид (по две точки), злосторства против човештвото (по пет точки) и воени злосторства (по четири точки) кои ги извршил како највисок воен командант на Армијата на Република Српска, со цел создавање на ентитетот Република Српска.
Тој се криеше од судството 16 години, а беше уапсен во Србија во 2011 година.






