понеделник, 8 декември 2025

Расте кинескиот извоз, голема побарувачка од ЕУ и Австралија

Кинескиот извоз неочекувано порасна во ноември за 5,9 проценти на годишно ниво, достигнувајќи вредност од 330,3 милијарди долари и надминувајќи ги предвидувањата на економистите. Овие податоци претставуваат значително закрепнување по падот од 1,1 процент забележан во октомври. Сепак, охрабрувачките бројки ги засенува фактот дека испораките во Соединетите Американски Држави паднале за речиси 29 проценти, што е осми последователен месец двоцифрен пад во трговијата со САД, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Додека трговијата со САД слабее, Кина успешно наоѓа нови пазари. Забележан е остар пораст на испораките кон Југоисточна Азија, Африка и Латинска Америка. Во исто време, кинескиот увоз пораснал за 1,9 процент во ноември, што е благо забрзување во однос на октомврискиот 1 процент, и покрај тоа што домашната побарувачка и понатаму трпи поради кризата во секторот за недвижности.

Растот на извозот доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг кон крајот на октомври во Јужна Кореја договорија едногодишно трговско примирје. Во рамките на договореното, САД ги намалија царините на кинеската стока, додека Кина вети дека ќе ја запре контролата на извозот на ретки земјени метали.

Економистите на ИНГ банк, Лин Сонг и Дипали Бхаргава, предупредуваат на претпазливост. „Иако трговското примирје и намалувањето на американските царини би требало да бидат позитивни за кинескиот извоз, сега влегуваме во период на неповолни базни ефекти“, наведуваат во извештајот, потсетувајќи на силниот раст на извозот пред Трамп, по враќањето во Белата куќа, да воведе високи царини. „Тоа би требало да одржи умерен раст на трговијата.“

Нивната претпазливост ја поткрепуваат и податоците за кинеската фабричка активност, која минатиот месец се намалила осми месец по ред. Економистите сметаат дека е прерано да се зборува за вистинско закрепнување на надворешната побарувачка. Чи Ло, глобален пазарен стратег во БНП парибас асет менаџмент, смета дека стабилната глобална трговска средина „веројатно нема да трае долго“, бидејќи односите меѓу Кина и САД „остануваат во ќор-сокак“ и покрај привременото примирје.

И покрај предизвиците, економистите очекуваат дека Кина, благодарение на силниот извоз, во голема мера ќе ја исполни својата цел за економски раст од околу 5 проценти за оваа година. Кинеското раководство по состанокот во октомври најави фокус на напредното производство во следните пет години, а повеќе детали се очекуваат по состанокот за економско планирање овој месец.

Некои економисти веруваат дека Кина ќе продолжи да го зајакнува својот удел на глобалниот извозен пазар. Морган Стенли предвидува дека до 2030 година кинескиот удел во светскиот извоз ќе достигне 16,5 проценти, во споредба со денешните околу 15 проценти. Главни двигатели на овој раст треба да бидат секторите како електрични возила, роботика и батерии.

„И покрај трајните трговски тензии, континуираниот протекционизам и активните индустриски политики на земјите од Г20, веруваме дека Кина ќе стекне поголем удел на глобалниот пазар за извоз на стоки“, изјави Четан Аја, главен економист на Морган Стенли за Азија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ