Во Лондон, цената на барелот беше за 93 центи повисока попладнево отколку на вчерашното затворање и изнесуваше 70,45 долари.
Во САД, денес со барелот се тргуваше за по 1 долар повисока цена, од 68,54 долари.
Трговците вчера беа загрижени за нападите на проиранските милиции врз нафтените постројки во ирачки Курдистан. Производството на нафта во тој дел од Ирак е намалено за половина на околу 140.000 до 150.000 барели дневно поради нападите со беспилотни летала што ја оштетија инфраструктурата, изјавија двајца енергетски претставници.
Пазарите сфатија дека залихите се ранливи на напади со употреба на едноставна технологија, објасни Ендру Липоу од „Липоу оил асошиејтс“.
Вниманието на трговците го привлече новиот европски пакет санкции против Русија. Лидерите на земјите-членки на ЕУ постигнаа договор за мерки што вклучуваат намалување на ценовната граница за руската нафта.
Осигурителите и превозниците повеќе нема да имаат право да сервисираат руски барели чија цена ја надминува границата, поставена 15 проценти под просекот на пазарот.
Новите европски санкции ќе ја намалат границата на цената за руската нафта на 47,6 долари, рекле дипломати за Ројтерс. ЕУ, исто така, повеќе нема да увезува руски нафтени производи, иако забраната нема да ги опфати Норвешка, Велика Британија, САД, Канада и Швајцарија, додале тие.
Санкциите на ЕУ ја вклучуваат и најголемата рафинерија на руски „Роснефт“ во Индија, според наводите на претставничката за надворешна политика, Каја Калас, на Икс.
ЕУ увезе околу 479.000 барели гориво дневно од Индија и Турција од почетокот на годината, претежно тежок и лесен дизел, керозин и мазут, според податоците од компанијата „Кплер“. Индија е најголемиот увозник на руска нафта, додека Турција е трета, според „Кплер“.
Денес, дизелот со ниска содржина на сулфур во терминските договори на лондонскиот пазар беа дури 27,70 долари поскапи од нафтата. Разликата во цената се зголеми за дури 3,50 долари, најмногу од февруари минатата година.
Зголемувањето на цената сигнализира стравувања на пазарот дека Европа ќе остане без дизелот што го набавуваше од Индија, објаснува Јанив Шах од „Ристад енерџи“.
САД не го поддржаа новиот европски пакет санкции, па затоа се очекува нивното спроведување да остави многу дупки во законот.
„Влијанието на намаленото ограничување на цените и санкциите за танкерите ќе биде ограничено според нас. Цените на дизелот во Европа би можеле малку да се зголемат поради поголеми проблеми со логистиката и транспортот (…), но влијанието врз трговијата треба да биде ограничено од предизвиците во имплементацијата“, рече Алдо Шпание од „БНП Париба“.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека барелот од кошничката нафта на нејзините чкенки во четвртокот чинеше 69,94 долари, приближно исто како и претходниот ден.






