четврток, 18 декември 2025

Расистички скандал ја тресе Финска

Премиерот им се извини на азиските земји поради објавите на крајнодесничарски пратеници.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот на Финска вчера им се извини на азиските земји, обидувајќи се да ја ограничи штетата од спорот предизвикан од навредливи фотографии што ги објавиле крајнодесничарски пратеници на парламентот на таа земја.

Инцидентот, кој финските медиуми го нарекоа скандал со „косооки“, е најнов во низата случаи во кои членови на Партијата на Финците, помладиот партнер во владејачката коалиција, беа обвинувани дека објавувале или изнесувале расистички коментари.

Премиерот Петери Орпо, од деловно ориентираната Национална коалициска партија, кој ја предводи четиричлената коалиција во која се и Финците, соопшти дека упатува искрено извинување.

„Овие објави не ги одразуваат финските вредности на еднаквост и инклузија“, наведе Орпо во соопштенијата што ги објавија финските амбасади во Кина, Јапонија и Јужна Кореја.

„Нашата порака, и во Финска и до сите наши пријатели во странство, е дека владата сериозно го сфаќа расизмот и дека ѝ е посветена на борбата против таа појава“, изјави тој.

Полемиката избувна месецов, откако се појави фотографија од актуелната мис Финска како ги затегнува очните капаци, во објава на социјалните мрежи на нејзина пријателка, со опис „ручек со Кинез“.

Сара Џафче, чиј татко е од Косово, подоцна се извини и изјави дека немала намера да навреди никого, но и покрај тоа ѝ беше одземена титулата.

Двајца пратеници на финскиот парламент и еден пратеник во Европскиот парламент, сите од Партијата на Финците, реагираа така што објавија слични фотографии на кои и самите ги затегнуваат очните капаци.

Националната авиокомпанија „Финејр“, која значителен дел од работењето го остварува на долголиниски летови, соопшти дека широко распространетите фотографии предизвикале негативни реакции на азиските пазари.

Партијата на Финците планира да го разгледа ова прашање на денешниот состанок, изјавил за Ројтерс портпарол на партијата.

Еден од пратениците, Јухо Еерола, изјавил за Ројтерс дека се извинил за својата објава и дека не сака да дава дополнителни коментари.

Организацијата Мис Финска наведе во соопштение за Ројтерс дека е аполитична, но дека постапила во согласност со своите вредности и принципи.

Набргу по стапувањето на должност во 2023 година, владата на Орпо се соочи со гласање недоверба поради расистички објави на интернет и изјави дадени од повеќе членови на кабинетот од Партијата на Финците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ