Со преброени 96 проценти од гласовите, Социјалистичката партија има 52 проценти од гласовите и 82 места во парламентот со 140 членови. Нејзиниот главен опозициски ривал, централно-десничарската Демократска партија на Саљи Бериша, освои 34 проценти од гласовите и 52 пратенички места.
Доколку бидат потврдени, резултатите би го прошириле мнозинството на Социјалистичката партија и би му дале на Рама убедлива предност за формирање влада. Тие, исто така, би му овозможиле да продолжи со напорите за исполнување на ветувањето за влез на Албанија во Европската унија до 2030 година, иако многу експерти веруваат дека временската рамка е премногу оптимистичка со оглед на потребните реформи, особено кога станува збор за искоренувањето на корупцијата.
„Ова е најскромното искуство во мојот живот и доаѓа во историски момент за Албанија… како идна членка на Европската Унија“, изјави Рама за порталот Политико.
Меѓународните набљудувачи ја доведоа во прашање регуларноста на изборите, а специјалното обвинителство на Албанија соопшти дека истражува 39 случаи поврзани со изборите, главно за купување гласови, објави Ројтерс. Не е прецизирано кои партии се под сомнеж.
Бериша, поранешен претседател и премиер, ги отфрли резултатите од изборите и повика на протест на 16 мај, денот кога лидерите од цела Европа треба да се соберат на самит во Тирана.
„Никогаш нема да ги прифатиме овие избори – никогаш“, рече Бериша на вчерашната прес-конференција, при што упати обвинувања за нерегуларности, но без јавно да даде докази.
Бериша продолжи со острата реторика карактеристична за изборната кампања, нарекувајќи го Рама „наркодиктатор“. Во изјава за Ројтерс, партијата на Рама ги отфрли обвинувањата за изборна измама и го нарече Бериша „стар, безнадежен поранешен комунистички политичар“.
Осумдесетгодишниот Бериша тврди дека Албанија не е ни блиску до тоа да биде подготвена за прием во ЕУ. Поранешниот личен лекар на покојниот сталинистички диктатор Енвер Хоџа, кардиолог по професија, ја водеше кампањата според американската, под надзор на консултанти донесени од Вашингтон, меѓу кои и Крис Лачивита, републикански изборен стратег кој го осмисли враќањето на Доналд Трамп на власт во 2024 година. Бериша со својата кампања го промовираше слоганот „Да ја направиме Албанија повторно голема“, потсетува Гардијан.
Сепак, ова не му помогна да го разниша Рама.
„Да го ангажираш Лачивита и да помислиш дека можеш да станеш Трамп е исто како да ангажираш холивудски фризер и да помислиш дека ќе станеш Бред Пит“, кажа Рама.
Шеесетгодишниот Рама, познат по своето присуство на социјалните мрежи, во понеделникот објави фотографии и пораки од Европската куќа во Тирана, каде што се вршат интензивни подготовки за самитот на европската политичка заедница, пренесува Политико.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, доаѓаат во Албанија на шестото издание на самитот, иницијатива што ја започна францускиот претседател Емануел Макрон за да ги собере земјите од ЕУ и земјите надвор од неа за да разговараат за безбедноста, економската соработка и регионалната стабилност. На самитот ќе бидат присутни и претставници на земјите кои се надеваат на членство во ЕУ, како што се Украина и Грузија.
„Голема чест е да го пречекаме целиот наш демократски континент во Тирана – вклучувајќи ја Украина и мојот драг пријател Володимир Зеленски“, рече Рама.
Рама, кој е на власт од 2013 година, беше фаворит на овие избори, делумно благодарение на влијателната мрежа што ја изгради за време на неговите 12 години на власт, неодамнешен период на стабилен економски раст, но и длабоко поделена опозиција, според Ројтерс.
Само два дена пред гласањето, Рама ги помилува сите казни изречени од владата од 2015 до 2024 година, вклучувајќи ги и оние за сообраќајни прекршоци, нелегална градба и прекршување на прописите за безбедност и безбедност при работа. Владата не го објави вкупниот износ на простени казни, но опозицијата тврди дека е 200 милиони евра. Сепак, обемот на победата ги изненади некои аналитичари кои очекуваа корупциските скандали и неодамнешните немири да ја намалат предноста на Рама.
Наместо тоа, убедливата победа би можела да го продолжи чувството на политичка стабилност во Албанија, за разлика од земји како Косово, Србија и Бугарија, каде што владејачките партии беа погодени од политички кризи во текот на изминатата година, истакнува Ројтерс.
„Никој не очекуваше квалификувано мнозинство за една партија. Тоа е како (унгарскиот премиер Виктор) Орбан во неговите најдобри денови“, вели политичкиот аналитичар Лутфи Дервиши.
Рама доби поддршка од Западот со прифаќањето на мигранти од Италија и сместувањето Авганистанци кои чекаат американски визи.
Сепак, гласачите во Албанија го обвинуваат дека владее преку систем на клиентелизам, а воедно ја занемарува борбата против невработеноста и корупцијата, вклучувајќи ги и обвинувањата дека албанските криминални банди перат пари од дрога и оружје во земјата. Откако тој дојде на власт, стотици илјади Албанци емигрираа во потрага по подобри услови за живот.
Демократската партија го обвинува исходот од изборите за, како што наведува, длабокото вкоренување на Социјалистичката партија во институциите и обидите за влијание врз гласачите.
„Ако на десетици илјади луѓе им се ветува вработување во замена за нивниот глас… ако гласачките места се опкружени со симпатизери на партиите… знаеме како да ги наречеме овие избори“, објави Бериша
Политико објави дека Демократската партија го ангажирала стратегот на Трамп, Лачивита, да ја дизајнира кампањата и да ги обликува пораките. Тој ги зајакна тврдењата на Бериша за манипулација споделувајќи на интернет извештај на социјалната мрежа Икс од локалната телевизија Сири за наводно купување гласови од страна на социјалистите во близина на избирачко место во Тирана.
„Вака изгледа кражбата на гласови во Албанија… благодарение на нарко-владата на Еди Рама“, напиша Лачивита.
Меѓународната мисија за набљудување на изборите, предводена од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), изјави дека за време на кампањата имало „злоупотреба на јавните ресурси и институционалната моќ од страна на владејачката партија“. Исто така, имаше бројни извештаи за притисок врз вработените во јавниот сектор и други гласачи, како и случаи на заплашување, објави Ројтерс.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, изјавија дека парламентарните избори во Албанија „генерално биле инклузивни и транспарентни“, но исто така посочија дека се одржале во „многу поларизирана средина во која кандидатите не уживале еднакви услови“, објави Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Сепак, најважно за Рама е расположението на гласачите.
„Тие испратија силна и едноставна порака: „Конечно сакаме да ги достигнеме височините на Европската Унија – а тоа можеме да го направиме само со тебе и Социјалистичката партија!“