Овие АИ деца ќе снимаат седници, ќе подготвуваат резимеа и ќе предлагаат одговори, со цел подобрување на транспарентноста и ефикасноста во управувањето. Системот треба да биде целосно оперативен до крајот на 2026 година, пишува Економик тајмс.
Во необичното соопштение, премиерот Еди Рама објави дека Диела сега е бремена и носи 83 деца, дигитални асистенти наменети да му помогнат на секој пратеник на Социјалистичката партија на Албанија, се наведува и се додава дека потегот, објавен на Берлинскиот форум за глобален дијалог (БГД), означува уште еден чекор во амбициозниот план на Албанија за вклучување на вештачката интелигенција во работата на државната администрација.
Рама објасни дека секое од децата на Диела ќе биде личен асистент на еден од 83-те пратеници на Социјалистичката партија. Овие асистенти со ВИ ќе снимаат парламентарни дебати, ќе создаваат резимеа на седниците и ќе предлагаат одговори на пратениците кои ќе пропуштат дел од дебатата.
„Денес презедовме голем ризик со Диела и многу сум задоволен. Таа е бремена за прв пат со 83 деца… Секое од нив ќе биде асистент кој ќе присуствува на седниците, ќе води евиденција за сè што се случува и ќе дава предлози на пратениците. Тие деца ќе го имаат знаењето на нивната мајка“, кажа Рама.
Премиерот на Албанија опиша како ќе функционираат асистентите со вештачка интелигенција во секојдневната работа на парламентот.
„На пример, ако излезете на кафе и заборавите да се вратите на работа, детето ќе ви каже што е кажано додека не сте биле во салата и на кого треба да му возвратите. Ако уште еднаш ми се јавите, ќе имате уште 83 екрани за децата на Диела“, кажа Рама.
Тој најави дека се очекува системот да биде целосно функционален до крајот на 2026 година.
Диела, што на албански јазик значи „сонце“, официјално беше назначена во септември за прв министер генериран од вештачка интелигенција во Албанија и во светот.
Таа за прв пат се појави во јануари на платформата е-Албанија, како виртуелен асистент кој им помага на граѓаните и бизнисите да добијат официјални документи. Дигиталниот лик е прикажан како жена во традиционална албанска носија.
Рама кажа дека главната задача на Диела е „јавните набавки да бидат стоотстотно ослободени од корупција“.
„Секој јавен фонд кој ќе влезе во тендерската постапка ќе биде целосно транспарентен“, додаде тој.
Албанија стана првата земја во светот што назначи министер во владата кој не е човечко суштество. За разлика од „министерката за вештачка интелигенција“, Диела е самата вештачка интелигенција, составена целосно од кодови и пиксели. Нејзината последна објава за бременост можеби звучи шеговито, но го одразува експериментот во развој на Албанија во спојувањето на технологијата и политичката администрација, според Економик тајмс.
Како што рече Рама, децата на Диела наскоро би можеле да станат најновите членови на албанскиот парламентарен екосистем, дигитални, неуморни и подготвени да си запишуваат белешки додека пратениците пијат кафе, се заклучува во текстот.






