недела, 7 декември 2025

Раководството на Би-би-си поднесе оставки поради „злонамерна монтажа“ за Трамп

Генералниот директор на Би-би-си Тим Дејви и директорката за вести Дебра Турнс поднесоа денес оставки поради обвинувањата дека во емисијата Панорама злонамерно монтирале говор на американскиот претседател Доналд Трамп.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ова е тажен ден за Би-би-си“, кажа претседателот на одборот Самир Шах.

Дејви кажа дека одлучил да го напушти британскиот јавен радиодифузен сервис „исклучиво по своја слободна волја“ по 20 години служба. Процесот на транзиција и изборот на наследник би можеле да потраат неколку месеци, додаде тој.

„Во овие сè повеќе поларизирани времиња, Би-би-си има единствена вредност и се обраќа на најдоброто во нас. Тоа помага Британија да биде посебна, љубезна, толерантна и љубопитна. Како и сите јавни организации, Би-би-си не е совршена и секогаш мора да биде отворена, транспарентна и одговорна“, напиша Дејви во својата оставка.

„Направени се некои грешки и како извршен директор морам да ја преземам одговорноста за тоа“, заклучи тој.

Портпаролката на Белата куќа Керолин Левит го обвини британскиот државен радиодифузер дека е „левичарска пропагандна машина“ која емитува „100 проценти лажни вести“ откако во документарец беше прикажан Трамп како наводно повикува на немири за време на протестите во Вашингтон на 6 јануари 2021 година.

Како што се покажа, Би-би-си споиле две реченици на Трамп, меѓу кои поминале 54 минути и преку нив пуштиле снимка која сугерира дека тој го почнал насилниот напад врз Конгресот на САД, што не е вистина.

Левит ја прослави веста со краток пост на мрежата Икс.


Турнс во својата оставка кажа дека „контроверзноста околу Панорама за претседателот Трамп достигна фаза која е штетна за Би-би-си“ и дека нејзината оставка е начин да се заштити угледот на куќата.

„Иако се направени некои грешки, сакам да бидам јасна дека неодамнешните обвинувања дека Би-ви-си е пристрасна како институција се неточни“, додаде Турнс.

Претходно министерката за култура на Велика Британија Лиса Нанди изјави дека скандалот отворил „многу сериозни прашања“, од кои најсериозно било тоа што јавниот сервис бил пристрасен во известувањето за тешки политички прашања.

Нанди му се заблагодари на Дејви за неговата оставка и кажа дека на Британија „сега повеќе од кога било ѝ е потребна веродостојна новинска програма која е од суштинско значење за нашиот демократски и културен живот“. Уште Нанди тврдеше дека има „целосна доверба“ во Дејви и Турнс.

Скандалот почна во вторникот кога весникот Телеграф објави интерен меморандум на Би-би-си во кој се отвора прашањето за селективното монтирање на говорот на Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ