четврток, 29 јануари 2026

Рација во Дојче банка, наводно переле пари на Роман Абрамович

Само еден ден пред објавувањето на одличните деловни резултати за изминатата година, славјето во Дојче банка го засени рација во нејзиното седиште. Станува збор, наводно, за „перење пари“ поврзано со рускиот тајкун Роман Абрамович.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Прво добрата вест: Дојче банка во 2025 година оствари рекордна добивка од 9,7 милијарди евра (ЕБТ), што е најдобар резултат во нејзината историја. Чистата добивка изнесуваше 6,1 милијарда евра, на големо задоволство на акционерите. Повеќе пари во касата имаше само во рекордната 2007 година, кога добивката достигна околу 6,5 милијарди евра.

Претседателот на Управниот одбор, Кристијан Зевинг, при објавувањето на годишниот биланс повтори дека банката е „на пат кон долгорочната цел – да стане водечка европска банка“. Акционерите уште минатата година добија дивиденда од 68 центи по акција, додека оваа година се очекува значително повисока исплата – околу едно евро по акција, која моментално на берзата се тргува по цена од приближно 33 евра.

Прослава со полиција

Речиси истовремено со подготовките за настапот на претседателот на Управниот одбор и објавувањето на добрите деловни резултати, во седиштето на Дојче банка во Франкфурт, како и во нејзините деловни простории во Берлин, повторно влезе полицијата за да изврши претрес. Државното обвинителство ја објасни рацијата со општо „сомнение за перење пари“, за кое наводно биле одговорни поединечни соработници на банката. Дури подоцна стана јасно дека истрагата првенствено се однесува на деловите во сложената мрежа компании на рускиот олигарх Роман Абрамович, во периодот од 2013 до 2018 година, пишува Дојче веле.

Адвокатите на Абрамович соопштија дека „не се запознаени“ со истрагата на германските органи против нивниот клиент. Сепак, рускиот тајкун уште од 2022 година се наоѓа на списокот на санкции на Европската Унија, а како што сега изгледа, Дојче банка и потоа продолжила да ги застапува неговите интереси преку мрежа компании што тој ги контролирал. Иако станува збор за најголемата банкарска институција во Германија, Дојче банка и претходно не беше имуна на практиката „затворање на двете очи“ кога станува збор за важни клиенти.

Уште во 2018 година беше спроведена голема полициска рација врз основа на информации од таканаречените Панама документи. Нов претрес следуваше во 2019 година, поради сомнежи дека банката помагала во затајување данок, додека полицијата повторно беше во франкфуртскиот облакодер на Дојче банка во 2022 година, проверувајќи сомнителни трансакции што ги спроведувала банката.

Банката во повеќе наврати беше казнувана, а германскиот финансиски регулатор Бафин со години ја држеше Дојче банка под засилен надзор. Посебен надзорник го следеше напредокот на банката во областа на спречување перење пари и финансирање тероризам, сè до крајот на 2024 година.

Храбро напред

Поради новото доаѓање на полицијата, претседателот на Управниот одбор мораше да го дополни својот свечен говор до вработените:

„Знаеме каде одиме и нема да отстапиме од тој пат“, порача Зевинг. „Тоа не го менува ни вчерашниот чекор на државното обвинителство. Се разбира дека целосно ќе соработуваме со надлежните органи и ќе ги разјасниме старите трансакции. Но во сè друго гледаме напред.“

Деловните резултати навистина даваат основа за таков оптимизам. Добивката на банката во голема мера може да им се припише на поволните движења на финансиските пазари, бидејќи најголемиот придонес дојде од секторот инвестициско банкарство, кој ја зголеми добивката за цела петтина – на нешто повеќе од четири милијарди евра. Корпоративното и деловното банкарство ја зголемија добивката речиси за една четвртина, на 2,6 милијарди евра.

Особено се истакна секторот за работа со приватни клиенти, вклучувајќи ги Поштбанка и Норисбанка, каде што добивката речиси се удвои, на 2,3 милијарди евра. Успешен беше и фондовскиот бизнис на ќерката-компанија ДВС, која оствари речиси една милијарда евра добивка пред оданочување, што претставува раст од 55 проценти.

Управата на банката за наредните години најавува уште поамбициозни цели: повисоки приходи и дополнителни заштеди треба да го зголемат повратот на сопствениот капитал на повеќе од 13 проценти. Целта за 2025 година изнесуваше 10 проценти, а на крај беше остварен резултат од 10,3 проценти, со што и тој план беше надминат.

Кристијан Зевинг го презеде раководењето со Дојче банка во 2018 година, во период на длабока и долготрајна криза. Неговиот мандат започна со остри резови: укинати беа илјадници работни места, а секторот инвестициско банкарство мораше да се врати во построги и порационални рамки. Сепак, од аголот на акционерите, причини за незадоволство нема – 2025 година беше шеста последователна година во која Дојче банка работи со добивка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ