Седумдесет и деветгодишниот претседател, кој е најстарата личност што стапила на функцијата во историјата на САД, оваа недела беше забележан во Швајцарија со голема модринка.
Најпрво отпатува во Давос за да присуствува на Светскиот економски форум, каде што одржа долг говор за своите планови да го преземе Гренланд – иако во повеќе наврати го помеша тоа место со друга држава.

Врховниот командант беше обвинет и дека предизвикал „навреда“ со коментар што го дал за исходот од Втората светска војна, па неделата за него започна прилично хаотично.
Трамп најде време и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, да „постави рамка за идниот договор“ за Гренланд, пред во четвртокот, на 22 јануари, да биде домаќин на своевидна свеченост по повод лансирањето на неговиот „Одбор за мир“.
Во Давос тој организираше настан за потпишување за десетици држави што беа поканети да ѝ се приклучат на таа организација – при што секоја од нив мора да издвои една милијарда долари за да ја стекне привилегијата на трајно членство.
Трамп првично го претстави Одборот како тело што би го надгледувало примирјето во Газа, но изгледа дека има далекусежни планови, бидејќи сега го опиша како „едно од најзначајните тела некогаш создадени“.
Обединетото Кралство сè уште не се приклучило, бидејќи министерката за надворешни работи Ивет Купер наведе дека постои „загриженост“ поради тоа што рускиот претседател Владимир Путин би бил „дел од нешто што зборува за мир“.
Сепак, околу 35 држави се согласија да го потпишат учеството во проектот, изјави еден висок функционер пред новинарите, додека вкупно околу 60 држави беа поканети да се приклучат.
Иако се случуваа многу работи што можеа да го одвлечат вниманието од рацете на Трамп, многумина не можеа да не ја забележат модринката на една од нив.
Ова не е првпат да се забележат лезии на кожата на претседателот, бидејќи појавата на „мистериозни траги“ на неговите шаки беше евидентирана и минатата година.
Тој дополнително ги поттикна шпекулациите обидувајќи се да ги прикрие со големо количество пудра, но во погрешна нијанса.
Белата куќа претходно сугерираше дека силните ракувања на Трамп се причина за трагите на неговите раце.
Во четвртокот беше забележана виолетова модринка на наддланката на левата рака на Трамп, а откако еден новинар изрази загриженост, неговата администрација повторно тврдеше дека постои безопасно објаснување.
Според зборовите на продуцентката на Си-би-ес њуз, Сара Кук, портпаролката Каролин Ливит ѝ рекла дека модринката настанала како последица на помал инцидент за време на настанот на Одборот за мир.
Во објава на мрежата Икс, во која ги објасни информациите што ги добила, Кук наведе дека Ливит ѝ рекла:
„На денешниот настан на Одборот за мир во Давос, претседателот Трамп ја удри раката од работ на масата за потпишување, што предизвика појава на модринка.“
Таа додаде и дека еден функционер на Белата куќа укажал на тоа дека Трамп пие аспирин, за кој претседателот претходно изјавил дека го прави поподложен на појава на модринки.
Трамп неодамна изјави дека зема 325 милиграми од тој лек дневно, наместо дозата од 81 милиграм што ја препорачуваат лекарите, и дека тоа го прави веќе последните 25 години.
„Велат дека аспиринот е добар за разредување на крвта, а јас не сакам густа крв да ми тече низ срцето“, рече Трамп. „Сакам низ моето срце да тече убава, разредена крв.“
Тој се осврна и на фотографиите на кои се гледаат модринки на неговите раце и лошо нанесена пудра, објаснувајќи дека денес со себе носи средства за прикривање на лезиите, за случај рацете да му бидат „удрени“.
„Имам пудра што, знаете, лесно можам да ја нанесам, потребни се околу 10 секунди“, рече Трамп.






