понеделник, 8 декември 2025

Путин: Зошто Индија не смее, а САД смеат да купуваат руско гориво?

Рускиот претседател Владимир Путин денеска го критикуваше притисокот на САД врз Индија да не купува руска нафта, додека Вашингтон од Москва купува нуклеарно гориво, во почетокот на неговата дводневна посета на Индија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Путин зборуваше за индиската телевизија Индија тудеј, а разговорот беше објавен неколку часа по неговото слетување во Њу Делхи, во посета од која двете земји се надеваат дека ќе ја зајакнат меѓусебната трговија.

Целта на првата посета на Путин на Индија по четири години е зголемување на продажбата на руска нафта, ракетни системи и борбени авиони, како и проширување на соработката надвор од енергетиката и одбраната. Рускиот претседател пристигнува во Индија во време на силен притисок од Вашингтон кон Њу Делхи да ги намали своите врски со Москва.

Двете држави се блиски уште од времето на поранешниот Советски Сојуз, а Русија со децении е главен извор на вооружување за Индија. Азиската земја стана и најголем купувач на руска нафта што се превезува по море по воведувањето западни санкции поради руската агресија врз Украина.

Индискиот увоз на нафта овој месец би требало да падне на најниско ниво во последните три години, откако САД воведоа царини на увозот од Индија и ги заострија санкциите против Русија што погодуваат и трети земји.

Владата на американскиот претседател Трамп нагласи дека индиското купување евтина руска нафта ѝ помага на Москва да го финансира војувањето во Украина.

„Соединетите Американски Држави и понатаму од нас купуваат нуклеарно гориво за своите нуклеарни електрани. И тоа е гориво“, рече Путин за Индија тудеј.

„Ако САД имаат право да го купуваат нашето гориво, зошто Индија да не го има истиот привилегиран статус? Тоа прашање заслужува длабока анализа, а ние сме подготвени да разговараме за тоа, вклучително и со претседателот Трамп“, додаде рускиот претседател.

Индија претходно порача дека царините на Трамп се неоправдани и ирационални, потсетувајќи дека САД и понатаму тргуваат со Русија. САД и Европската Унија продолжуваат да увезуваат руска енергија вредна милијарди долари, од течен природен гас до збогатен ураниум.

Путин, одговарајќи на прашањето за падот во индиското купување нафта од неговата земја, призна дека постои „одреден пад во вкупната трговска размена во првите девет месеци од оваа година“.

„Тоа е само минорно приспособување. Севкупно, нашата трговска размена е на речиси исто ниво како и претходно.“

„Трговијата со нафтени производи и сурова нафта, руска нафта, во Индија се одвива непречено“, заклучи Путин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ