Тој истакна дека „на киевскиот режим не му е потребен мир“ и дека за сегашните власти во Киев, мирот „веројатно значи губење на власта“. Путин оцени дека одлуката за нападите е донесена на политичко ниво во Украина, а целта е да се заплаши Русија.
Според него, украинските сили се повлекуваат по целата линија на фронтот и трпат големи загуби, поради што властите во Киев преминуваат на организирање терористички напади. Путин повтори дека Москва се плаши дека „нелегитимниот режим во Киев се претвора во терористичка организација“, што, како што тврди, го потврдуваат со напади врз цивилното население, како оние во Брјанската област.
„Она што се случи во Брјанск беше целен напад врз цивили. Според сите меѓународни норми, ваквите дејствија се нарекуваат тероризам“, рече Путин.
Тој додаде дека „нападите врз цивилите имаат за цел да го нарушат вториот круг преговори“ и дека Украина ќе го искористи секое одложување во борбите за ново вооружување, насилна мобилизација и подготовка на нови напади.
Рускиот претседател истакна и дека спонзорите на Украина „стануваат соучесници на терористите“.
Тој оцени дека украинското раководство нема политичка култура и си дозволува навреди кон оние со кои наводно се обидува да преговара.
Путин им се заблагодари на вработените во службите за итни случаи, железниците и другите работници за помошта на повредените во нападите.
Според руските власти, на 31 мај, во регионот Брјанск, патнички воз на линијата Климово-Москва излетал од шините по експлозија под мостот, при што истражителите пронашле три експлозивни направи за кои тврдат дека се од украинско потекло, со вкупна јачина од околу 15 килограми ТНТ. Во несреќата се повредени повеќе од сто лица, од кои 35 се хоспитализирани, а материјалната штета е проценета на околу една милијарда рубли.
Во исто време, во Курската област, товарен воз паднал од мост на патот по експлозија, при што биле повредени три члена на екипажот. Руските служби ги прогласија двата инциденти за терористички напади, а истрагата за сторителите и оние што ги нарачале сè уште трае.
Паралелно со тоа, украинските сили во повеќе наврати извршија напади врз клучна руска инфраструктура, меѓу кои се издвојува нападот на Кримскиот мост, стратегиски важен за руското снабдување и логистика на црноморскиот полуостров.
Покрај тоа, пред неколку дена беше извршен украински напад со беспилотни летала и ракети врз руски воени бази низ цела Русија, при што беа уништени десетина руски авиони и друго оружје.