недела, 14 декември 2025

Путин воведува посебна виза за странци што Русија ја гледаат како „тврдина на вистинските вредности“

Русија воведува виза за западните граѓани што ја гледаат Русија како упориште на „вистинските вредности“ во општеството. Одѕивот е релативно скромен, но руската пропагандна машинерија крева голема врева од тоа, анализира Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Расел успеал: Австралиецот во Русија добил таканаречена виза за заеднички вредности. Тој своето последно патување до канцеларијата го документирал на својот Јутјуб канал „Патувајќи со Расел“ (Traveling with Russell). „Сега можам три години да живеам тука, да најдам работа и место за живеење“, вели Расел.

Расел не е единствениот што сака да живее во Русија. Постојат многу други профили на западњаци на социјалните мрежи што веќе живеат во Русија или планираат да го сторат тоа. Она што на сите им е заедничко е тоа што ги перципираат општествените случувања во своите матични држави – во областите како што се семејството, религијата, ЛГБТК правата и миграцијата – како премногу либерални и сметаат дека е привлечно да се живее во земја со многу поконзервативни ставови.

Токму за оваа група е наменета руската дозвола за престој, која тие веќе ја нарекоа анти-воук виза (woke – разбуденост, значи политичка свест и ангажман против расната, родовата и социјалната дискриминација. Визата е воведена со декрет на претседателот Владимир Путин во август 2024 година. Во декретот се наведува дека визата служи „за обезбедување хуманитарна помош на лица што ги делат традиционалните духовни и морални вредности на Русија“.

Во Русија сè уште сѐ е „како некогаш“

Граѓаните или постојаните жители на европските земји, Соединетите Американски Држави, Австралија, Јапонија и некои други земји можат да аплицираат за руска виза за заеднички вредности. Тие не мора да докажуваат дека ги познаваат рускиот јазик, руската култура или закони. Но секако мора да изјават дека не се согласуваат со политиката на својата матична земја. По правило, визата се издава на три години, но може да се продолжи.

„Пред сѐ, станува збор за симболична политика“, вели социологот и аналитичарка за Русија Катарина Блум. Таа смета дека ова испраќа порака во два правци – до домашната руска јавност и до странство: „На граѓаните на Русија со визата и пофалбите од западните доселеници им се порачува: ‘Погледнете, има луѓе што доаѓаат кај нас затоа што им го нудиме она што им недостига на декадентниот Запад. И тие сакаат да се вратат кон христијанските, изворни вредности.“

А до западниот свет се испраќа сигнал: „Можете да дојдете кај нас ако сето ова ви пречи. Ние претставуваме подобро европско општество – Европа на патриотизам, традиционални вредности и во која е јасно каде припаѓа мажот, а каде жената, и каде што нема ништо друго.“

На Русија ѝ се потребни луѓе

Блум додава дека Русија нема проблем со прифаќањето на таквите лица и поради исклучително негативниот демографски процес во таа земја. Бројот на руските жители со години се намалува, па дури и со владините стимулации, стапката на наталитет не се зголемува. Рускиот напад врз Украина, исто така, доведе до големи жртви и понатамошна емиграција, особено на младите Руси.

Семејствата како Фенстра, кои се преселиле од Канада во Русија со своите осум деца, веројатно се повеќе од добредојдени. Тие детално ги споделуваат своите нови животи на своите канали на социјалните медиуми. Таткото Аренд во едно видео објаснува: „Русија е една од ретките земји што е сè уште безбедна за традиционалните, христијански семејства“. Тој додава дека во Канада станува сè потешко да се прехрани семејството, додека во Русија е многу полесно да се врзе крај со крај.

Тие предности ги истакнуваат и платформите што помагаат при аплицирање за виза за заеднички вредности. Веб-страницата russianresidency.org ги привлекува потенцијалните имигранти со ниските даночни стапки, бесплатното образование, „одличното“ здравство и ниските трошоци за живот.

Повеќе пропаганда отколку поплава од имигранти

Иако социјалните мрежи и медиумите даваат впечаток дека на Западот има многумина што сметаат дека таму ума „премногу“ либерализам и би сакале да живеат во општество каде што има „цврста рака“, реакцијата е релативно скромна. Според портпаролката на руското Министерство за внатрешни работи, до мај, девет месеци по нејзиното воведување, 1.156 лица аплицирале за виза за заеднички вредности. Интересно е и тоа што најголемиот број апликации дошле од Германија, 224. Но ова дефинитивно нема да биде решение за демографските проблеми на Русија, со население од околу 143 милиони.

И покрај скромниот број кандидати, руските државни медиуми прават голема работа од оваа подготвеност на западњаците да дојдат и да живеат во Русија и опширно известуваат за случаи што некако би можеле да се сметаат за успешни. Тие исто така ги поддржуваат – па дури и ги координираат од Москва – активностите на западните блогери на социјалните медиуми.

Така, во март, онлајн-списанието Важни приказни (Important Stories) објави дека рускиот канал Раша тудеј финансира вакви настапи на социјалните мрежи во кои имигрантите ја фалат Русија и го критикуваат Западот. Според тој извештај, зад каналот Рашн роуд, кој содржи токму такви видеа, стојат вработени во руската државна телевизија.

За пропагандната машинерија на Москва веќе се знае многу, вели ДВ, а денес се уште поагресивни отколку во времето на СССР: Кремљ се обиде да влијае на исходот од изборите во САД со лажни видеа во кои наводно учествувале професионални актери. А аналитичарката Блум ја гледа визата за заеднички вредности првенствено како инструмент на руската пропаганда. Но таа забележува дека во исто време се чини дека Русија сака да привлече „подобни“ странци во земјата со цел да ги ублажи демографските проблеми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ