Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, тоа е сложена тема за која претседателот Владимир Путин е спремен да разговара. Но тој исто така рече дека во моментов нема конкретни планови за разговори меѓу Русија и Украина.
Откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела се закани дека ќе се откаже од мировните напори, двете страни се под притисок да покажат напредок кон завршување на војната во Украина, која влезе во четвртата година.
Зеленски вчера изјави дека Украина е подготвена за каква било форма на комуникација за да ги запре нападите врз цивилната инфраструктура. „Подготвени сме за каков било разговор за да го постигнеме ова и очекуваме јасен одговор од Москва“, рече Зеленски.
На прашањето како ќе одговори Кремљ, Песков рече дека за тоа треба да се разговара земајќи го предвид искуството од 30-часовниот велигденски прекин на огнот што Путин еднострано го прогласи.
Тој не даде детали, но двете страни меѓусебно се обвинуваат за многубројните прекршувања на примирјето за време на велигденскиот викенд и постојаното кршење на мораториумот со посредство на САД за нападите врз енергетските капацитети минатиот месец.
Песков рече дека Путин вчера укажал на сложеноста на ова прашање бидејќи треба да се направи разлика кога една цивилна цел станува воена, а кога не. „Цивилниот објект станува цел ако таму има непријателски борци, така што тука има нијанси за кои има смисла да се разговара“, рекол Путин вчера.
Цивилите ги губат животите и во Украина и во Русија, но многу повеќе на украинската страна.
Русија постојано изразува спремност да преговара со Украина, но Киев го направи тоа правно невозможно по декретот на Зеленски од 2022 година за забрана на преговори со Путин, рече Песков.
Декретот беше донесен откако Русија анектираше четири украински региони. Ако Украина сака да разговара, тогаш треба „правно да ги отстрани пречките за овие контакти“, рече Песков.