недела, 21 декември 2025

Путин: Руските разузнавачки служби потврдија дека западни земји се обидуваат да спроведат обоена револуција во Србија

Руските разузнавачки служби ги потврдија извештаите дека западни земји се обидуваат да спроведат обоена револуција во Србија, изјави рускиот претседател Владимир Путин, наведувајќи дека оние што ги туркаат младите на улиците сакаат српскиот народ повторно да настрада.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Се согласувам со претседателот на Србија Александар Вучиќ, а разузнавачките служби го потврдуваат тоа: некои западни центри се обидуваат да организираат таква обоена револуција. Во овој случај, во Србија“, кажа Путин на состанокот на Дебатниот клуб Валдај во Сочи, пренесува Танјуг.

Според него, секогаш има луѓе, особено млади луѓе, кои не се ориентирани целосно во вистинските проблеми, „во предисторијата на тие проблеми и сите можни последици до кои можат да доведат нелегитимните форми на промена на власта“.

Путин кажа дека сите добро знаат до што доведе обоената револуција во Украина.

„Обоената револуција е, отворено кажано, нелегално, неуставно преземање на власта. Правилото е дека не води кон ништо добро. Секогаш е подобро да се остане во рамките на основните закони, во рамките на уставот“, кажа Путин.

Како што изјави, секогаш е најлесно да се влијае врз младите луѓе.

„Младите луѓе во Србија, дури и оние што излегуваат на улица, се во суштината патриоти, треба да водиме дијалог со нив. Ми се чини дека Вучиќ се обидува да го направи тоа, но тие не треба да заборават дека се, пред сè, патриоти“, кажа Путин.

Тој истакна дека никогаш не треба да ги заборават страдањата низ кои поминал српскиот народ пред, за време и по Првата и Втората светска војна.

„Оние што ги туркаат младите луѓе на улица сакаат српскиот народ да продолжи да страда, иако не зборуваат јавно за тоа“, рече Путин.

Путин, зборувајќи за Украина, кажа дека Русија не војува со самата Украина, туку со целиот НАТО сојуз.

Тој истакна дека Русија произведува сопствена воена опрема, додека на украинска страна нема само западна опрема, туку и инструктори од земјите на НАТО, кои, според него, директно учествуваат во битките.

Путин изрази и верување дека режимот во Киев на крајот ќе мора да седне на преговарачка маса.

Зборувајќи за Палестина, тој кажа дека Русија ќе биде подготвена да го поддржи мировниот план на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп за Газа ако тој навистина доведе до создавање палестинска држава, додавајќи дека ситуацијата во таа палестинска енклава е „навистина катастрофална“.

Путин, зборувајќи за Европската Унија, кажа дека на почетокот европската интеграција била првенствено економски процес, но дека денес Унијата, иако е силна, покажува знаци на опаѓање, првенствено поради, како што наведе, губењето на заедничките вредности под влијание на миграциските текови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ