„Пред сè, целите на специјалната воена операција несомнено ќе бидат постигнати. Ние би сакале да го сториме тоа и да се справиме со основните причини за конфликтот преку дипломатија“, порача Путин.
„Доколку спротивната страна и нивните странски покровители одбијат да учествуваат во суштински разговори, Русија ќе го постигне ослободувањето на своите историски земји со воени средства. Задачата за создавање и проширување на безбедносната тампон-зона исто така ќе биде доследно спроведена“, кажа рускиот претседател, а пренесува агенцијата Ројтерс.
Од украинските региони кои Русија ги смета за своја територија, таа моментално ги контролира Крим, околу 90 проценти од регионот Донбас и 75 проценти од регионите Херсон и Запорожје.
Покрај тоа, Русија држи дел од територијата во соседните области Харков, Суми, Дњепропетровск и Николаев. Изјавите на Путин укажуваат дека Москва може да се обиде со дополнителни територијални освојувања во некои од овие насоки.
Во момент кога војната е на пресвртна точка, а претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп силно инсистира на брз мировен договор, Путин кажа дека Русија постигнува напредок на сите фронтови, наведува Ројтерс.
Сепак, рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов призна дека украинските сили се обидуваат да ја вратат контролата врз североисточниот град Купјанск – обид кој, според него, не дава резултати.
Украина соопшти дека ја презела контролата врз 90 проценти од градот, за кој Русија тврдеше дека го освоила во ноември.
Путин кажа дека европските граѓани се индоктринирани со страв од војна со Русија и ги обвини европските лидери за поттикнување хистерија.
„Неколку пати кажав: тоа е лага, глупост, чиста глупост за некаква измислена руска закана за европските земји. Но, ова се прави сосема намерно“, оцени тој.
Путин кажа дека Русија не бара војна со Европа, туку дека е подготвена за војна ако тоа е избор на Европа.






