Присуството на Си на комеморацијата по повод крајот на војната е важно за рускиот лидер, кој од самиот почеток ја прикажува агресијата врз Украина како „борба против неонацистите“. Украина и нејзините сојузници го отфрлаат ова како гротескна лага, обвинувајќи ја Москва за спроведување империјалистичка офанзива.
„Победата над фашизмот, постигната со огромни загуби, е од трајно значење“, му рече Путин на Си. „Со нашите кинески пријатели, цврсто ја чуваме историската вистина, го штитиме сеќавањето на настаните од воените години и се спротивставуваме на современите појави на неонацизмот и милитаризмот“.
Си рече дека двете земји, како светски сили и постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, ќе соработуваат во спротивставувањето на унилатерализмот и хегемонијата, алудирајќи со тоа на Соединетите Американски Држави.
„Соочена со меѓународниот тренд на унилатерализам и хегемонистичко насилно однесување, Кина ќе соработува со Русија за да ги преземе посебните одговорности на големите светски сили“, му рече Си на својот руски колега.
Кинескиот претседател изјави дека Пекинг и Москва „заеднички ќе промовираат правилен поглед на историјата на Втората светска војна, ќе го заштитат авторитетот и статусот на Обединетите нации, решително ќе ги бранат правата и интересите на Кина, Русија и огромното мнозинство земји во развој и ќе работат на промовирање на фер, уредна, мултиполарна и инклузивна економска глобализација“.
Двајцата лидери разговараа по средбата на црвениот тепих во една од најраскошните сали во Кремљ. Тие се ракуваа пред камерите и се нарекуваа еден со друг „драг пријателe“.
Си е најмоќниот меѓу десетиците странски лидери кои пристигнаа во Москва оваа недела за 80-годишнината од крајот на Втората светска војна. Одбележувањето на настанот се случува во клучен момент од војната во Украина, бидејќи Москва и Киев се под притисок од САД да постигнат мировен договор.
Си, лидерот на земја што води трговска војна со САД, треба да потпише серија договори за продлабочување на „безграничното“ стратешко партнерство што Русија и Кина го потпишаа во 2022 година, помалку од три недели пред Путин да ја испрати својата војска во Украина.
Кина е најголемиот трговски партнер на Русија и ја спаси нејзината економија погодена од западните санкции. Кина е исто така најголемиот купувач на руска нафта и гас.