петок, 19 декември 2025

Путин разговарал со Ердоган за американскиот план за Украина

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган денес телефонски разговарале за решавање на конфликтот во Украина, со посебен акцент на американскиот мировен предлог, но и за билатералните односи меѓу двете земји, пренесе руската агенција РИА Новости.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Беа разменети мислења за ситуацијата околу Украина, вклучително и во контекст на американскиот предлог за мирно решение“, кратко соопшти Кремљ. Во разговорот Путин истакнал дека американскиот предлог, во верзијата која ја добила Москва, го следи правецот на разговорите со американскиот лидер Доналд Трамп одржани на Алјаска на 15 август. Според неговите зборови, тој план во принцип може да послужи како основа за конечно мирно решение.

Ердоган, од своја страна, ја потврдил намерата на Турција да придонесе во процесот на преговорите и го понудил Истанбул како платформа за идните разговори. Двајцата лидери се согласиле да ги интензивираат руско-турските контакти за мировниот процес на различни нивоа. Турскиот лидер му ги пренел и на Путин своите впечатоци од самитот на Г20 во Јоханесбург. Како дел од разговорите за билатералните односи, бил потврден интересот за проширување на трговските и инвестициските врски и спроведување заеднички проекти во енергетскиот сектор.

Минатата недела американската администрација објави дека работи на мировна иницијатива за решавање на ситуацијата во Украина. Како што објавија медиумите, планот вклучува предавање на целата територија на Донбас под контрола на Москва, официјално признавање на тие територии и Крим како руски, замрзнување на поголемиот дел од линијата на фронтот во Запорожје и Херсонската област, намалување на бројот на оружените сили на Украина за половина (што е точката која најмногу ја оспорува Европа), како и забрана за распоредување на странски трупи и оружје во Украина кое може да гаѓа длабоко во руска територија.

Според Путин, Москва го има текстот на американскиот план, но за него сè уште не е конкретно дискутирано. Путин потврдил дека документот може да послужи како основа за конечното решение.

Еден ден претходно во Женева се одржаа преговори меѓу претставници на ЕУ, САД и Киев, каде што биле разгледани промените направени од европската и украинската страна на американскиот предлог. Агенцијата Ројтерс и весникот Телеграф објавија две верзии на воведените промени. Според верзијата на двата медиуми, проектот на Европската Унија претпоставува крај на конфликтот по линијата на фронтот, што е во спротивност со клучната точка на американскиот план за повлекување на вооружените сили на Украина од целиот Донбас.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ