вторник, 1 април 2025

Путин пушти во употреба нова подморница на нуклеарен погон (ВИДЕО)

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот пушти во употреба нова нуклеарна подморница во Мурманск, соопшти Кремљ. Церемонијата доаѓа непосредно откако Москва и Киев постигнаа договор за примирје во Црно море, по мировните преговори со посредство на Вашингтон одржани неделава во Саудиска Арабија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Путин учествуваше на церемонијата на пуштање во употреба по посетата на компанијата Атомфлот, каде го посети Генералштабот за поморски операции. За време на преносот од арктичкото пристаниште Мурманск, Путин го најави пуштањето во употреба на новата нуклеарна подморница опремена со хиперсонични проектили „циркон“, способни да летаат неколку пати побрзо од звукот, со зборот „Одобрувам!“

Подморницата е наречена „Перм“, според градот на Урал, и е првата од тој вид вооружена со хиперсонични ракети „циркон“. Дострелот на тие проектили сè уште е предмет на расправа – западни аналитичари проценуваат дека изнесува меѓу 500 и 750 километри, додека руски извори тврдат дека може да достигнат и до 1.000 километри и да летаат девет пати побрзо од звукот.

Путин во јуни 2024 истакна дека ракетите „циркон“ се клучни за пробивање на противракетната одбрана, а Русија првпат ги употреби во Украина во февруари истата година. Подморницата ја изградило бродоградилиштето Севмаш кај Мурманск, а станува збор за шеста подморница во руската флота од класата „Јасен“.

Путин најави дека тие подморници имаат „најсовремени навигациски и комуникациски системи и напредни сонари“ и дека се опремени со „високопрецизно вооружување и роботски системи“. Москва забрзано ја шири својата флота на нуклеарни подморници, значително зајакнувајќи ги своите поморски способности.

„Сакам да им честитам на руските морнари и бодоградители во овој историски момент. Денес во легендарното бродоградилиште Севмаш во Северодвинск пуштена е во употреба повеќенаменската нуклеарна подморница „Перм“. Продолжуваме со производството на современи ракетни подморници – ова е веќе петта подморница во рамки на проектот „Јасен-М“. Очекуваме следната година да влезе во составот на морнарицата и да почне со извршување на борбените задачи.

Ќе продолжиме да ја јакнеме нашата морнарица, вклучувајќи ја нејзината стратегиска компонента, и ќе ги засилуваме темпото и опсегот на градењето површински воени бродови и подморници од различни класи, опремувајќи ги со најсовремено оружје, технологија и комуникациски системи.

Тие подморници и бродови дополнително ќе ја зајакнат нашата флота, ќе ја засилат безбедноста на поморските граници на Русија и ќе обезбедат заштита на Северниот морски пат. Ќе помогнат во зачувувањето на националните интереси на Русија во разни делови на светските океани, вклучувајќи го Арктикот, кој денес има исклучителен економско, логистичко и стратегиско значење во контекстот на сè поголемата глобална конкуренција. Ќе продолжиме да правиме сè за да ги штитиме територијалниот интегритет и суверенитетот на Русија и да го зацврстиме нејзиниот статус на водечка поморска сила“, кажа Путин, се наведува во соопштението на Кремљ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ