Рускиот претседател Владимир Путин предложи да се разговара за воспоставување привремена управа во Украина, под водство на ОН и неколку земји.
Целта, според Путин, би била да се спроведат избори во земјата откако претседателскиот мандат на Владимир Зеленски официјално истече во мај 2024 година, а избори не се одржаа поради воената состојба.
Москва не гледа начин да потпише какви било договори со Киев, бидејќи „утре може да дојдат други лидери“, објасни Путин вечерва обраќајќи им се на морнарите на нуклеарната подморница Архангелск.
„Во такви случаи, меѓународната практика оди по добро познат пат во рамките на мировните активности на Обединетите нации; неколку случаи веќе го покажаа она што се нарекува надворешно управување или привремена администрација“, предложи тој.
Надворешните овластувања треба да ги олеснат изборите во Украина за „да се воспостави способна влада што ќе ја има довербата на народот“, нагласи Путин.
Потоа, новата украинска влада би можела да започне преговори со Москва и да потпише мировен договор „што би бил признат низ целиот свет и би бил сигурен и стабилен“.