недела, 8 јуни 2025

Путин не „полудел“, туку оди во офанзива

Кремљ вчера го отфрли тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека Владимир Путин „полудел“, а во исто време ги засили воздушните напади врз Украина, за што официјалните лица стравуваат дека би можело да биде вовед во нова офанзива.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

На прашањето на новинарите за острата осуда на Трамп на нападите во кои загинаа најмалку десетина цивили, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Путин му е благодарен на американскиот претседател за помошта во организирањето на директните разговори со Киев, но посочи дека Трамп и другите можеби се емоционално преоптоварени.

„Се наоѓаме во критичен момент, што, секако, има многу врска со емоционалното преоптоварување и реакциите од сите страни“, изјави вчера Песков пред новинарите.

Трамп остро го критикуваше Путин во неделата вечерта откако руските воздушни напади убија цивили и уништија станбени згради, што, според Фајненшл тајмс, ги уништи надежите дека рекордната размена на затвореници би можела да доведе до прекин на непријателствата.

По коментарите на Трамп во неделата, Русија го започна својот трет масовен воздушен напад врз Украина во исто толку ноќи. Украинските воздухопловни сили соопштија дека ова е најголемиот напад со беспилотни летала од почетокот на руската инвазија, надминувајќи ги дури и нападите од претходните две ноќи. Според нивните изјави, Русија од петокот до вчера истрелала вкупно 903 беспилотни летала и 92 ракети на територијата на Украина.

Трамп, исто така, го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата, велејќи дека тој „не ѝ прави никаква услуга на својата земја со начинот на кој зборува“. Во објавата на Трут соушл, поранешниот американски претседател напиша: „Сè што ќе излезе од неговата уста предизвикува проблеми. Не ми се допаѓа и подобро да престане“.

Зеленски, во објава на мрежата Икс, избегна директно да одговори на критиките на Трамп, но рече дека светот се чини дека вложува повеќе напори во дијалог со Путин отколку во вршење вистински притисок врз лидерот на Кремљ. Зеленски изјави дека нападите „немаат вистинска воена логика“, но дека носат „значајна политичка порака“. „Путин покажува колку презир има кон светот – свет кој вложува повеќе труд во „дијалог“ со него отколку во вистински притисок“, рече украинскиот претседател.

Некои украински официјални лица и западни аналитичари предупредија дека наглото зголемување на руските ракетни и беспилотни напади во текот на викендот би можело да биде вовед во голема нова воздушна кампања, координирана со евентуална нова копнена офанзива. Руските официјални лица во последните денови навестија за можност за нова инвазија на пограничните региони Суми и Харков во североисточна Украина, додека Путин рече дека неговата војска работи на создавање „заштитна зона“ во регионот.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц потврди дека западните земји сојузници на Украина повеќе не наметнуваат ограничувања на опсегот на оружје што го снабдуваат во Киев. „Веќе нема никакви ограничувања за опсегот на оружје што ѝ се доставува на Украина – ниту од Велика Британија, ниту од Франција, ниту од нас. Нема ограничувања ниту од САД“, изјави Мерк, пренесува Гардијан.

„Ова значи дека Украина сега може да се одбрани, на пример, со напаѓање на воени позиции во Русија“, додаде канцеларот. „До неодамна не можеше да го направи тоа, а освен неколку исклучоци, речиси и да не го правеше тоа до сега. Коментирајќи ја вчерашната изјава на Мерц, Песков рече дека таквата одлука би била спротивна на аспирациите кон политичко решение на кризата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ