Додека американскиот претседател Доналд Трамп се стреми да го заврши најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, Путин кажа дека одговорноста е на Украина и Европа да го направат следниот чекор кон мирот.
„Претседателот Трамп вложува сериозни напори за завршување на овој конфликт. Тој го прави тоа сосема искрено. Топката е целосно на страната на нашите западни противници, пред сè на лидерите на режимот во Киев, а во овој случај пред сè на нивните европски спонзори. Ние сме подготвени за преговори и мирно решавање на конфликтот“, порача Путин.
Трамп се залага за мировен договор под услови за кои Украина и нејзините европски сојузници стравуваат дека ќе бидат поволни за Русија. Киев долго време повикува на прекин на огнот и изјави дека не верува дека Путин, кој испрати десетици илјади војници во Украина во февруари 2022 година, е сериозен во врска со барањето мир.
Путин одржа маратонска конференција за медиумите
Путин се обрати на годишната прес-конференција во емисијата „Директна линија“, која траеше речиси четири и пол часа. Иако Украина беше доминантна тема, настанот беше обележан и со бизарни моменти, како и повремени остри коментари од обични Руси чии текстуални пораки беа прикажани на големиот екран во салата.
„Не е директна линија, туку циркус“, гласеше една порака. Други се пожалија на прекините на интернет, валкана вода од чешма и трошоците за живот.
Путин кажа дека условите на Русија за завршување на војната во Украина се оние што ги истакна во говорот во јуни 2024 година, кога побара Украина да се откаже од своите амбиции да се приклучи на НАТО и целосно да се повлече од четирите региони што Русија ги смета за своја територија.
Киев вели дека нема да се откаже од териториите кои руските сили не успеаја да ги освојат во речиси четиригодишна војна.
Путин тврди дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е нелегитимен лидер. Мандатот на Зеленски му истече минатата година, но во Украина, која е во воена состојба додека се бори против руските сили, со устав е забрането да се одржуваат нови избори.
Доколку изборите се одржат, кажа Путин, Русија би била подготвена да разгледа прекин на нападите длабоко во Украина додека се одржува гласањето. Тој додаде дека од пет до десет милиони Украинци кои живеат во Русија треба да имаат право да учествуваат.
Заем од ЕУ за Украина
Путин зборуваше неколку часа откако лидерите на ЕУ го отфрлија планот за користење на замрзнатите руски средства како гаранција за заем за Украина, одлучувајќи се наместо тоа за задолжување за да помогнат во финансирањето на одбраната на Киев од Русија во следните две години.
Лидерите на ЕУ објавија дека го задржуваат правото да ги користат руските средства за исплата на заемите доколку Москва не ѝ плати на Украина воени репарации.
Путин кажа дека ЕУ го напуштила оригиналниот план бидејќи тоа би се соочило со сериозни последици и дека со тоа го поткопала својот статус како безбедно место за чување средства.
„Грабеж не е вистинскиот термин… Тоа е грабеж среде бел ден. Зошто не може да се изврши тој грабеж? Бидејќи последиците би можеле да бидат сериозни за ограбувачите“, кажа рускиот лидер.
Технички проблеми во преносот
Кремљ соопшти дека добил повеќе од 2,6 милиони прашања однапред за прес-конференцијата на Путин. Настанот е претставен како демонстрација на неговата отвореност за одговарање на прашања на која било тема.
73-годишниот претседател на Русија, кој е разведен, одговори потврдно на прашањето дали е заљубен, но не сакаше да навлегува во детали. Тој му кажа на едно момче дека понекогаш вози низ Москва инкогнито за да сфати што се случува во Русија.
Во еден момент, Путин му го даде зборот на Наран-Очир Горјаев, одликуван Херој на Русија, кој го опиша своето учество во рускиот напад врз украинскиот град Сиверск.
Путин ѝ се извини на вдовицата на војник убиен во борба, откако таа кажа дека нејзиното семејство сè уште не го добило надоместокот на кој имале право. Државните медиуми подоцна објавија дека парите се исплатени.
Украина тврди дека територијалните придобивки на Русија се минимални и дека се постигнати со огромни загуби. Таа вели дека се спротивставува на локации како Купјанск на североисток, за кој Русија соопшти дека го освоила минатиот месец.
Путин рече дека наглото забавување на рускиот економски раст – на еден процент оваа година од 4,3 проценти во 2024 година – е резултат на свесни потези на централната банка насочени кон ограничување на инфлацијата.
За време на неговата прес-конференција, банката објави дека ја намалува основната каматна стапка за половина процентен поен, на 16 отсто.
Тврди дека руската армија напредува низ Украина
Путин кажа дека руската армија „напредува низ Украина“ и дека воените цели ќе бидат постигнати.
Зборувајќи на својата традиционална годишна прес-конференција, Путин кажа дека руската армија „целосно ја презела стратегиската иницијатива“ и додаде дека „до крајот на годината ќе има повеќе победи“.
Годишната прес-конференција во живо на Путин е комбинирана со телефонска емисија која им нуди на Русите низ целата земја можност да му постават прашања.
Путин: Русија има идеи за НИС, дијалогот со пријателите во Србија е во тек
Путин кажа и дека Русија „има идеи“ за тоа како и во која насока би можело да се реши прашањето за Нафтената индустрија на Србија (НИС) и дека дијалогот со Србија е во тек, објави руската агенција ТАСС.
„Имаме идеи за тоа како, на кој начин и во која насока би можеле да продолжиме заедно. Таквиот дијалог е во тек со нашите пријатели во Србија. Се надеваме дека ќе го најдеме вистинското решение“, рече Путин. Тој на специјална прес-конференција, која се одржува на крајот од секоја година, изјави дека Русија претпоставува дека „пријателското раководство на Србија“ ќе ги исполни своите обврски кон НИС.
„Имаме меѓувладин договор со Србија во врска со усвојувањето на какви било ограничувања поврзани со овој комерцијален субјект. И, секако, претпоставуваме дека пријателското раководство на Србија ќе го има ова предвид и ќе ги исполни своите обврски. Во спротивно, се поставува прашањето: како можеме да инвестираме пари во економијата на земјата и каде се безбедносните гаранции ако дури и меѓувладините договори не функционираат“, порача Путин.






