Портпаролката на Белата куќа Каролин Левит изјави дека предлогот на Путин звучи „прилично добро“, но дека американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно изрази загриженост за иднината на договорот, ќе се огласи за оваа понуда.
Договорот Нов СТАРТ од 2010 година, кој истекува во февруари, ја ограничува големината на двата најголеми нуклеарни арсенали во светот. Многу експерти стравуваат дека неговото истекување би можело да поттикне трка во вооружување бидејќи двете страни го зголемуваат распоредувањето на стратегиско оружје.
Овој договор можеше да се продолжи само еднаш, на пет години, за што Путин и поранешниот американски претседател Џозеф Бајден се согласија во 2021 година. Затоа Путин сега апелира до Трамп да се согласи на неформално продолжување од една година.
„Русија е подготвена да продолжи да ги почитува централните ограничувања на бројките од договорот Нов СТАРТ на една година по 5 февруари 2026 година“, кажа Путин на седницата на Советот за безбедност на Руската Федерација.
„После тоа, врз основа на анализа на ситуацијата, ќе донесеме одлука дали да ги задржиме овие доброволни, самонаметнати ограничувања.“
Трамп во јули изјави дека би сакал да ги задржи ограничувањата за распореденото стратегиско нуклеарно оружје по истекот на договорот.
Договорот го ограничува бројот на распоредени стратегиски нуклеарни боеви глави на 1.550, а бројот на средства за нивна испорака – ракети, подморници и бомбардери – на 700 од секоја страна.
Путин под притисок да ја прекине војната во Украина
Путин рече дека неговиот предлог е во интерес на глобалното неширење на оружјето и дека би можел да го поттикне дијалогот со Вашингтон за контрола на оружјето.
„Оваа мерка има смисла само ако Соединетите Држави дејствуваат на сличен начин и не преземаат чекори што би го поткопале или нарушиле постојниот баланс на одвраќање“, кажа Путин.
Рускиот лидер е под притисок од Трамп да се согласи да ја прекине војната во Украина, а неговата понуда се чини дека е еднострана промена во политиката за Москва, која досега инсистираше дека ќе разговара за овие прашања со Вашингтон само ако се подобрат целокупните односи – попречени од длабоките разлики околу Украина.
Разговорите за нов договор сè уште не се започнати
Тие разлики околу Украина исто така значат дека двете сили сè уште не почнале разговори за обновување или преуредување на договорот, иако Трамп зборуваше за желба да постигне нов договор за нуклеарно оружје – со учество на Кина.
Меѓутоа, Пекинг одби да биде вклучен. Министерството за надворешни работи на Кина во вторникот изјави дека го цени она што го нарече „позитивен став“ на Русија во врска со продолжувањето на договорот Нов СТАРТ. Портпаролот на министерството Гуо Џиакун кажа дека САД и Русија треба да продолжат да ги намалуваат своите нуклеарни арсенали „на проверлив, неповратен и правно обврзувачки начин“.
Дарил Кимбел, извршен директор на невладината организација Здружение за контрола на оружјето, ја оцени понудата на Путин како „позитивен и добредојден потег“. Повикувајќи го Вашингтон да возврати, тој кажа дека Трамп и Путин би можеле „да помогнат во намалувањето на најнепосредната егзистенцијална закана за безбедноста со која се соочува светот“.
Сепак, Путин истакна дека Русија внимателно ќе ги следи активностите на САД поврзани со нуклеарното оружје, особено плановите за зајакнување на системите за противракетна одбрана и предлозите за распоредување пресретнувачи во вселената.
„Практичната реализација на вакви дестабилизирачки потези би можела да ги поништи нашите напори за одржување на статус кво во областа СТАРТ“, предупреди Путин. „Ќе одговориме соодветно“.






