Коментирајќи ја изјавата на Путин од прес-конференцијата во Пекинг, каде што упати покана до Зеленски на разговори во руската престолнина, Сибиха нагласи дека постојат голем број алтернативни и сериозни опции. Тој посочи дека најмалку седум земји изразиле подготвеност да бидат домаќини на мировен самит меѓу Украина и Русија.
Меѓу заинтересираните земји се Австрија, Ватикан, Швајцарија, Турција и три заливски држави. „Ова се сериозни предлози и претседателот Зеленски е подготвен за таков состанок во секое време. Сепак, Путин продолжува сè да одложува, намерно давајќи неприфатливи предлози“, рече Сибиха.
Украинскиот шеф на дипломатијата заклучи дека „само зголемениот притисок може да ја принуди Русија конечно сериозно да се посвети на мировниот процес“.
Овој развој на настаните следи по низа дипломатски активности без конкретен напредок. На 22 август, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека средбата меѓу Путин и Зеленски може да се одржи само откако ќе се подготви детален план за разговори, што во моментов не е случај.
Во исто време, Гардијан објави дека Трамп има намера да им дозволи на Русија и Украина да организираат средба меѓу своите лидери, со што засега се повлекува од преговорите за завршување на војната. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по разговорите со двајцата лидери, исто така оцени дека страните „сè уште не се подготвени“ за средба на највисоко ниво.






