Во разговорот со Нетанјаху, Путин презентирал идеи за зајакнување на стабилноста на Блискиот Исток и ја изразил подготвеноста на Русија да „продолжи со напорите за посредување и да промовира конструктивен дијалог со учество на сите заинтересирани страни“, објави Кремљ, додавајќи дека разговорот со Пезешкијан ќе биде објавен подоцна.
На прашањето каква поддршка може да му пружи Русија на Иран, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков кажа: „Русија веќе дава поддршка не само на Иран, туку и на целиот регион и на целта за регионална стабилност и мир. Ова делумно е благодарение на напорите на претседателот да помогне во деескалацијата на тензиите“.
Техеран силно ги задушува националните протести што избувнаа кон крајот на минатиот месец, што го натера американскиот претседател Доналд Трамп да предупреди дека може да интервенира. Израел и САД бомбардираа нуклеарни објекти на Иран во 12-дневната војна минатата година.
Русија се стреми кон поблиски врски со Иран уште од почетокот на војната во Украина, а Путин минатата година потпиша дваесетгодишен договор за стратегиско партнерство со Пежешкијан. Секоја закана за опстанокот на раководството на Иран би била сериозна причина за загриженост за Москва, тринаесет месеци откако загуби клучен сојузник на Блискиот Исток со соборувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Претходно овој месец САД го киднапираа венецуелскиот претседател Николас Мадуро, уште еден руски сојузник, под обвинение за наркотероризам.
Западните сили го обвинуваат Иран дека има таен план за развој на нуклеарно оружје, што Техеран го негира. Русија нагласува дека го поддржува правото на Иран на цивилна нуклеарна енергија.






