„Сега, кога Иран се соочува со оружена агресија, вашата работа на оваа висока должност несомнено ќе бара голема храброст и посветеност. Убеден сум дека чесно ќе го продолжите делото на вашиот татко и ќе го обедините иранскиот народ пред тешките искушенија“, се наведува во соопштението на Кремљ.
Според соопштението, Путин повторно ја нагласил поддршката на Москва за Техеран, истакнувајќи дека Русија ќе остане сигурен партнер на Иран.
„Од моја страна сакам да ја потврдам нашата непоколеблива поддршка за Техеран и солидарноста со нашите ирански пријатели. Русија била и ќе остане сигурен партнер на Исламската Република. Ви посакувам успех во решавањето на тешките задачи што се пред вас, како и добро здравје и сила на духот“, се додава во соопштението.
Моџтаба Хамнеи (56) вчера беше избран за трет врховен водач во историјата на Иран. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан неговото именување го опиша како чекор кон зајакнување на националното единство.
Претходниот врховен водач, Али Хамнеи, ја извршуваше функцијата 37 години. Тој беше убиен во напад на 28 февруари на почетокот на војната.
Според Би-би-си, изјавата на Путин доаѓа во момент кога конфликтот меѓу Иран од една страна и САД и Израел од друга страна дополнително се заострува, додека Москва го осудува нападот врз Иран и предупредува на опасност од поширока регионална ескалација.






