среда, 1 април 2026

Путин до ерменскиот премиер: Не можете да бидете во царинска унија и со нас и со ЕУ

Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека пристапување на Ерменија во Европската Унија е „едноставно невозможно“ бидејќи, според него, Ереван веќе е член на царинска унија со Москва.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Истовременото членство во царинските унии на Европската Унија и Евроазиската економска унија е невозможно. Тоа е едноставно невозможно по дефиниција“, истакна Путин за време на средбата во Кремљ со ерменскиот премиер Никол Пашинјан.

„Разбираме дека секоја земја се обидува да извлече максимална корист од соработката со трети земји, но ова мора да биде јасно, искрено и договорено од самиот почеток“, додаде рускиот претседател.

Ерменија, поранешна советска република на Кавказ со население од околу 2,7 милиони, се приклучи на Евроазиската економска унија, сојуз доминиран од Русија, во 2015 година.

Но, повеќе од две години Ереван покажува знаци на растечка недоверба кон Москва, историски сојузник кој долго време ѝ продаваше оружје и сè уште има воена база на ерменска територија.

Ерменија му замерува на Кремљ дека не му обезбеди доволна поддршка во конфликтот со Азербејџан, особено за време на војните во Нагорно Карабах во 2020 и 2023 година, пишува Франс прес. Минатата година ерменскиот парламент донесе закон насочен кон отворање преговори за пристапување во Европската Унија.

Пашинјан му кажа на Путин дека Ерменија во моментов не учествува во работата на Организацијата за колективниот договор за безбедност (ОКДБ) бидејќи не може да им објасни на своите граѓани зошто организацијата не ги исполнила своите договорни обврски.

Тој нагласи дека Ерменија постојано го поставува прашањето и никогаш не ги криела проблемите во односите со ОКДБ. „Се сеќавате, многу пати разговаравме за тоа. Никогаш не ги криевме нашите проблеми со ОКДБ бидејќи во 2022 година имаше конкретна ситуација. Според мене, механизмите на ОКДБ требаше да функционираат, но не функционираа“, изјави тој.

Според премиерот, токму отсуството на реакција од организацијата доведе до сегашната состојба на односите. „И секако, тоа доведе до ситуацијата која ја имаме денес во нашите односи со ОКДБ“, додаде Пашинјан.

Ерменија е незадоволна бидејќи ОКДБ не реагираше за време на конфликтот со Азербејџан. Поради овој недостаток на поддршка, довербата беше сериозно нарушена, а Ерменија почна политички да се дистанцира од ОКДБ и да бара алтернативни партнери.

Членови на ОКДБ се Русија, Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан. Азербејџан беше членка во 1990-тите, но ја напушти алијансата во 1999 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ